Оливер Белопета, директор на скопскиот Џез фестивал, чиј проект беше одбиен на скандалозниот конкурс на Министерството за култура, ги демантира вечерашните тврдења на премиерот Зоран Заев, кој изјави дека џез фестивалот не доставил ниту еден документ според протокол, „иако го молеле до последен момент“.
„Секој поединечен искажан збор е неточен! Комплетна лага! Не е мое да претпоставувам кој од неговите најблиски кабинетски соработници му пренесува вакви ‘информации’, иако притоа не би бил далеку од вистината“, напиша Белопета на својот профил на „Фејсбук“.
Заев вечерва изјави дека конкурсот ќе биде поништен, освен во делот за националните установи, каде што се било регуларно.
„За сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена“, рече Заев, додавајќи дека со тоа испраќа порака до јавноста дека граѓаните се слушнати.
Резултатите од скандалозниот конкурс беа објавени денеска, а реакциите беа жестоки, почнувајќи од тоа дека се одбиени врвни проекти од национална важност за македонската култура, до реакции околу можното згаснување на важни манифестации како „Оффест“, „Златно Славејче“, скопскиот Џез фестивал, а на сметка на тоа фаворизирани биле голем број албански проекти како и проекти кои немаат допирна точка со националниот интерес.
Министерот за култура Асаф Адеми преку „Фејсбук“ порача дека „со големо внимание ги следи критиките, реакциите, пофалбите и предлозите е во постојан контакт со членовите на комисите и со правната служба, а по консултаците заедно ќе одлучат за следните чекори“.
Мери Јордановска