Археолошкото злато од Македонија претставено пред германската публика

Од:

Во престижниот национален Келтско-римски музеј во Манхинг, Германија синоќа беше отворена меѓународната изложба со наслов „Златното лице на непознатиот македонски крал – Македонците и Келтите од брегот на Охридското Езеро”, проект кој се реализира со поддршка на Комисијата за образование, аудиовизуелност и култура при ЕУ во рамките на проектот „Clash of Cultures“.

Германската, но и пошироката европска јавност во текот на наредните месеци ќе има можност да се запознае со извонредното културно богатство на Република Македонија.

Организатор на оваа значајна изложба е Археолошкиот музеј заедно со Заводот за заштита на спомениците од културата и музеј од Охрид и Музеј на град Неготино, а во соработка со „Келтен ромер музејот“ од Германија.

Пред многубројната публика од археолошката фела, градоначалници, конзули, дипломати и љубители на уметноста се обратија Весела Честоева, директорка на Археолошкиот музеј на Македонија, проф.д-р Виктор Лилчиќ директор на Управата за заштита на културното наследство, директорот на „Kelten Romer Museum“ Волвганг Давид и професорот Митја Гуштин од Универзитетот Приморска во Копар, Словенија. На свеченоста присуствуваше и Герхард Кругер, почесниот конзул на Република Македонија во Германија.

Директорката на Археолошкиот музеј на Македонија Честоева подвлече дека од две древни места на територија на Република Македонија, од архајскиот и класичниот период допатуваа во Манхинг презентираните вредни предмети за да ја раскажат приказната за цивилизацијата.

– Денес пред вас е една од петте златни маски на локалните кралеви, откриени во архајските некрополи на двата града Лихнид и Енхелана. Со маската од Лихнид патуваат и повеќе златни и други предмети од арахајската некропола на локалитетот Горна Порта во Лихнид, сведоци на луксузот, моќта и идеологија на кралот за неговиот пат кон вечноста. Од Лихнид во Манхинг дојдоа и келтските шлемови, железните штитови и долгите железни мечеви. Келтските воини на почетокот на 3 век пред н.е. на патот кон Делфи или по враќањето, застанале во Лихнид. Долговековниот келтски сон, пренесуван од колено на колено, дека не смее да се умре пред да се види Делфи, за нив запрел во Лихнид, рече Честоева.

За важноста на артефактите и за нивната историска и археолошка вредност говореше Лилчиќ директорот на Управата за заштита на културното наследство.

– Република Македонија е земјата од каде ги донесовме денес тука златната маска на еден благороден Енхелеец од градот на светлината – Лихнид, златниот трезор од Тремник на Вардар и оружјето на Келтите кои го бранеле Лихнид во хеленистичкиот период. Територијата на Република Македонија во раната антика била најсеверната зона на Балканско-медитеранските рани цивилизации, кралствата на Македонците, Пајонците, Пелагонците, Линкестите, Енхелеите/Десаретите, Девриопите и Агријаните, рече проф. Лилчиќ.

Тој истакна дека е посебно задоволен што денес пред германската и европската јавност, тука во Манхинг, донеле дел од раноантичката, архајска цивилизација на Охридските (Лихнидските) Енхелеи, од класичната цивилизација на античките Македонци од Тремник на Аксиј (Вардар) во близина на античката македонска воена база Антигонеа (Неготино) што подоцна прераснала во цивилен град и предметите на пријателските Келти (Гали) кои несомнено своите животи ги положиле во одбрана на цивилизациската среќа на античкиот град Лихнид на Охридското Езеро.

Професорот Гуштин, кој долги години соработува со археолозите од Македонија, се осврна на успешната соработка со неговите македонски колеги.

На поставката се изложени 62 вредни археолошки предмети, во најголем дел златни, меѓу кои и ритуалната погребна маска од почетокот на 5 век пред н.е. која со археолошките истражувања во 2002 година беше пронајдена на Горна Порта, Охридска крепост во Охрид, потоа златната нараквица, апликации во форма на диск, накит, сребрени сандали, двоколка, садови и многу други артефакти, сите од архајски период и најдени на Горна Порта.

Од истиот локалитет пред очите на светската јавност е претставена и келтска воена опрема од 3 век пред наша ера, шлемови, копја, мечеви, штитови и други предмети. Меѓу вредните артефакти е и познатата статуа на Изида од алабастер од 2 век п.н.е. Наодите од с. Тремник од Неготино се исто така дел од поставката.

Изложбата, која ќе биде отворена до 16 ноемви, е главен настан на Европскиот проект „Clash of Cultures“ – проект кој 2012 година беше одобрен од Европската унија, координиран е од Универзитетот Приморка во Словенија, а Археолошкиот музеј на Македонија се приклучи како рамноправен партнер во проектот во 2011 година. Во проектот како рамноправни партнери се јавуваат и Лошињски музеј од Хрватска, Земаљски музеј од Сараево, Босна и Херцеговина и Келтско-римскиот музеј во Манхинг, Германија.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот