Со премиера на претставата „Антигона и Креонт“ во режија на Нела Витошевиќ и во продукција на Театарот на навигаторот Цветко и кино „Култура“, вечер ќе заврши официјалната програма на 15. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“. Претставата ќе биде изведена на сцената на Велешкиот театар.
Адаптацијата на претставата е на Нела Витошевиќ и Ивана Нелковска, сценографијата на Васил Христов, а костимите ги изработи Розе Трајчевска. Учествуваат актерите Зоран Љутков, Симона Димковска, Благој Веселинов, Ивана Павлаковиќ, Стефан Вујисиќ и Наталија Теодосиева.
Свеченото затворање на фестивалот е утре, кога ќе бидат доделени четирите награди на фестивалот – за најдобра машка и женска улога, најдобра режија и најдобра претстава.
Во чест на наградените ќе биде изведена претставата „Лесната бесната, тесната“, во режија на Деан Дамјановски, а во продукција на ФАД „Стоби“, работена според македонските еротски приказни. Претставата е наменета за лица над 16 години.