Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје во рамките на своите анонимни анкетни истражувања, неодамна спроведе анкета на тема Културата и уметноста во услови на пандемија.
Онлајн биле анкетирани 1.125 испитаници од државава, но и од странство. Од нашата земја биле анкетирани 986 испитаници, а од странство 139 испитаници и тоа: 22 од Србија, 21 од Хрватска, 13 од Словенија, 12 од Босна и Херцеговина, девет од Црна Гора, тројца од Косово, 10 од Бугарија, пет од Албанија, двајца од Грција, четворица од Турција, тројца од Италија, еден од Португалија, еден од Шпанија, двајца од Франција, двајца од Англија, тројца од Германија, двајца од Шведска, 12 од Австралија, пет од Канада, тројца од САД, двајца од Кина, еден од Хонг Конг и двајца од Индија. На сите испитаници им биле поставени десет прашања.
Според речиси сите испитаници периодот на пандемијата бил катастрофален во текот на целата година, а посебно во вториот и третиот квартал. Најмногу биле погодени приватните институции и независните културни работници. Но, тие пак биле пофлексибилни и полесно и побрзо се прилагодиле на новите услови за работа.
Повеќе од половината од институциите од сферата на културата и уметноста се приспособиле на новонастанатите услови и ситуации, но една третина не се ни обиделе и не ни успеале да го направат успешно тоа. Најбрзо и најлесно манифестациите со физичко присуство биле заменети со онлајн активности и дале единствено можен и задоволителен резултат.
Според анкетата, протоколите и мерките за дистанца и претпазливост делумно биле испочитувани и применети и дале симболичен и скромен успех.
Во услови на пандемија согледани се, прифатени и применети нови предизвици, можности и перспективи за иницирање, афирмација и презентација на културата и уметноста и тоа е единствената позитивна страна и исход од пандемијата – според испитаниците.
Најдобри практики и иницијативи се остварени со помош и поддршка на државните органи и институции, како во земјата така и во странство. Со тоа што балканските држави барале и добивале и странски спонзорства и донации, а економски поразвиените земји исклучиво се потпирале на сопствени извори.
Единствен и недвосмислен заклучок од анкетата е дека требало и морало да се смени начинот на работа и живот за да се продолжи да се опстојува, но и за да се опстане во иднина. Сите испитаници како излезно решение и спас ја посочуваат дигитализацијата, интернетот и електронските платформи за култура и уметност. Заедничка заложба на испитаниците се новите механизми и можности за културна продукција, дистрибуција и консумација.
Пандемијата беше и е шок за уметниците, огромна и неочекувана бариера за културата и уметноста кои во 2020 година мораа да се провираат низ иглени уши, уметниците и културните работници да преживуваат, а институциите најчесто да ги одложуваат манифестациите за наредната година.
Светли точки, сепак, се онлајн ликовните изложби, онлајн промоциите на книги, онлајн саемите, конкурсите, наградите и признанијата.
Постигнати се значајни резултати и создадени се бројни нови дела, што најилустративно говори за отпорноста и виталноста на културата и уметноста и во услови на светска пандемија, која сите уметници, творци и културни работници очекуваат и посакуваат што побрзо да биде надмината, да биде намалена и ублажена, но и неповратно да исчезне и да биде засекогаш победена, отфрлена и заборавена.