Амбасадорите на четири јужнословенски земји во Прага му оддадоа почит на проф. Иван Доровски

Од:

Љубителите на културата и јазикот на балканските словенски народи синоќа имаа можност да уживаат во друштво на проф. Иван Доровски – еден од најголемите пријатели на Јужните Словени, професор на Масариковиот универзитет во Брно, основач на македонистичките студии, член на МАНУ во надворешен состав и почесен член на ДПМ.

Средбата со истакнатиот книжевен историчар, теоретичар, преведувач и антологичар, кој во изминатите неколку децении значајно придонесува за запознавање и доближување на македонската и чешката книжевност и култура, се одржа под заштита на амбасадите на Македонија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина во Прага.

Дел од гостите, говореа за несебичноста на Доровски, кој се вложува во афирмацијата на јазикот и творештвото на балканските словенски народи, јави дописникот на МИА.

– Тој претставува вистински амбасадор на културата на овие народи поврзувајќи ги преку литературата на најдобар можен начин, рече Паскал Стојчески, амбасадор на Република Македонија во Чешка.

Меѓу присутните во салата на Домот на националните малцинства можеше да се слушнат изјави на благодарност на различни јазици, словенечки,српски, хрватски јазик за делата кои Доровски со преводите ги доближил до чешката и останатата публика.

– Да бидам искрен, многу пати во текот на мојата работа ми се јавуваа луѓе со забелешка дека сум давал предност на еден или друг народ и јазик, но сега гледајќи ве сите присутни имам потврда дека успеав во мојата намера сите балкански словенски народи да ги застапувам подеднакво, изјави Доровски, за кого дури по излегувањето на неговата биографија минатата година по повод неговиот 80. роденден се дознаа детали за неговиот тежок живот како дете бегалец од Граѓанската војна во Грција (1946-1949).

Тој се потсети на тешкотиите кои ги имал пред повеќе десетици години кога морал да „војува” за Институтот за славистика во Брно, како и за задолжителното воведување на изучувањето на македонскиот јазик и литература во 1993 и 1994 година како дипломски предмет.

Во неговата последна, автобиографска книга „Со домот во срцето” составена од три дела, тој раскажува за своето детство, дава различни приказни за неговиот тежок живот како младо момче и го претставува напуштањето на родното село во Егејска Македонија и пристигнувањето во тогашна Чехословачка која станува негов втор дом.

Со цел да го заврши своето школување и да се осамостои, Доровски како дете кое растело по детски домови подоцна останал во Чешка разделен од неговиот брат и татко, кои живееле во Австралија, и неговата мајка која останала во Унгарија.

Неговата посветеност е навистина несебична и не престанува. Многубројните преводи најчесто ги подготвува со својата сопруга и своите студенти, кои тоа го прават бесплатно.

– Јас не ги пуштам гостите во кујната, се додека не го направам јадењето што треба да го послужам, рече Доровски со доза на хумор, не сакајќи да одговори на прашањето на што работи сега и кој е неговиот следен проект.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: СДС да не глуми загриженост за културата – тие ја претворија во партиска каса и платформа за криминал

Предраг Петровиќ

Презентиран тизерот за новиот хорор филм „Him“: Го продуцираше оскаровецот Џордан Пил

Предраг Петровиќ

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Саем на книга 2025 – книгите се многу повеќе од зборови, тоа се мостови што поврзуваат луѓе, култури, идеи

МАНУ промовираше тритомно издание „Кочо Рацин“

Нови датуми за Глумците Пеат