Со јавен перформативен настан произлезен од петдневната интердисциплинарна работилница „Изгубено и најдено“, попладнево почнува 16. АКТО Фестивал за современи уметности.
Програмата ќе се одвива во ноември и декември под насловот „Современи (не)демократии“.
Како што велат организаторите, Фестивалот по 15 години активна работа, прераснува во интердисциплинарна платформа за едукација и продукција на современа уметност.
-АКТО отвора двогодишна тема „Современи (не)демократии“ во обид на согледување на процесите на приватизација и отуѓување кои водат кон разорување на јавното, оневозможувајќи го заедничкото. АКТО ја испитува оваа тема преку примерот на плоштадот како репрезент на современите недемокрациски процеси, кој наместо да биде арена каде што се слуша агонистичка дискусија на создавање политички субјективитети, тој повеќе стана место на набљудување, на пасивност и молк отколку на јавност или на живот на улица. Па така, преку оваа деполитизирана, еродирана и приватизирана платформа, АКТО се обидува да го истражи стеснувањето на јавниот простор кој води до стеснување или намалување на изразувањето на јавното мислење, а со тоа и намалување на демократијата, велат кураторката Ивана Васева и визуелниот уметник Филип Јовановски.
Според нив, „Современи (не)демократии“ се обидува да одговори на предизвиците, но и на препреките во непрепознавањето на недемократиите кои ни се случуваат секојдневно.
-Дали имаше вистинска дебата на јавните простори во земјава? Или само конфликт кој сè уште трае и се продлабочува? Конфликт што го дели (поларизира) општеството и со тоа го спречува неговиот развој? Што е демократија во денешен контекст и како таа (не) демократија се рефлектираше преку неможноста на раѓањето на агора?, се само некои од прашањата што ги отвора АКТО.
Фестивалот за 6 ноември (сабота) ги најавува изложбата „Исчезнување на јавниот човек“ и АКТО АГОРА кои ќе се одржат во Салата за седници на Општина Центар. На 14 ноември (вторник) се јавниот перформативен настан произлезен од четридневната интердисциплинарна работилница „Слушна реакција на архитектурата“ и перформансот „Дисеминација насекаде“, на 5 декември во зградата на поранешна месна заедница во Тафталиџе ќе се одржи јавниот перформативен настан произлезен од четиридневната интердисциплинарна работилница „Изгубени модернистички утопии“, додека на 18 декември (сабота) е промоција на книгата „Не Уметност. Надвор. Борби. Солидарни уметнички практики на периферијата“.