Индискиот милијардер Субрата Рој денеска околу пладне треба да пристигне на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во дводневна посета на Охрид.
Според информациите од претставници на неговата компанија „Сахара Индија Паривар“, Рој веднаш по пристигнувањето на аеродромот ќе даде изјава за медиумите.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески претходно најави дека се очекува Рој да оствари средби со највисокото локално и државно раководство, како дел од подготовките за изградба на луксузниот туристички комплекс во Љубаништа, што се очекува да биде завршен во 2020 година.
Посетата на Рој на Охрид беше објавена после неодамнешната средба на Бакрачески со претставници на компанијата „Сахара Индија Паривар“, на која од нивна страна беше побарано од локалната самоуправа да обезбеди дополнителни 17 хектари земјиште на локацијата на која е предвидена изградба на луксузниот туристички комплекс. Притоа беше појаснето дека било посочено оти 17-те хектари се потребни за изградба на сместувачки капацитети наменети за сместување на персоналот што е предвидено да го опслужува комплексот.
Според најавите, на 12. јули во Охрид индискиот мултимилионер ќе организира свечена вечера на која се очекува да присуствуваат премиерот Никола Груевски, министри од министерствата инволвирани во реализцијата на проектот, како и членови на дипломатскиот кор во Македонија.
Милијардерот Субрата Рој најави голема инвестиција во Македонија, вредна стотици милиони евра, преку изградба на суперлуксузен туристички комплекс „Сахаријан Македонија“ на локација кај автокампот „Љубаништа“, на површина од 240 хектари. Комплексот предвидува повеќе содржини, луксузен хотел на вода и апартмани од највисока класа, вили, бунгалови, марина, приватни плажи, казина и голф-терени.