Министрите за финансии на Европската унија денеска во Брисел ќе се обидат да ги надминат разликите во мислењата околу неодамнешното зајакнување на еврото и неговото влијание врз забавените економии.
Министрите за финансии од земјите Г20 и гувернерите на централните банки во текот на неделава ќе се сретнат во Москва и ќе разговараат за моќните „валутни војни“, во време кога Јапонија презеде чекори за да ја спушти вредноста на јенот за да може да поевтини нејзиниот извоз во однос на конкуренцијата.
Новиот претседавач со еврогрупата Јерон Дијсеблом изјави дека Г20 е соодветен форум за расправа за девизните курсеви, откако Франција инсистираше оваа тема да се најде на дневниот ред на групата, пренесоа француските медиуми.
Француски официјални претставници сметаат дека еврото не треба исклучиво да се препушти на волјата на пазарот, пред се, заради тоа што одредени земји ја туркаат надолу вредноста на својата валута заради извозните предности што ги стекнуваат.
Министерот за финансии на Ирска, Мајкл Нинан, пред денешната средба изјави дека за дадената тема ќе се расправа и на состанокот на Г20, додавајќи дека силата на еврото го отсликува напредокот во решавањето на должничката криза, која изминатите години во повеќе наврати се закани да ја загрози заедничката европска валута.