МЗШВ отворено за средба со одгледувачите на овци

Од:

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) попладнево соопшти дека ќе ги разгледа барањата на одгледувачите на овци кои за утре најавија мирен протест.

МЗШВ, како што информира, е отворено и за средба со овчарите.

– Изминатиов период одржавме повеќе средби со одгледувачите на овци, со цел да се слушнат сите предлози што ги имаат и проблемите со кои се соочуваат. Континуирано работиме на развојот на оваа сточарска гранка. Од следната година со Програмата за рурален развој е планирано зголемување на сумата за мерката „Набавка на приплоден добиток“, од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари, а паралелно ќе се работи и на измени на Правилникот за оваа мерка со цел да биде подостапна за сточарите и да има поголема искористеност. Оваа мерка ќе придонесе до подобрување на генетскиот потенцијал на добитокот, што крајно ќе доведе до попродуктивно производство и поголем приход за сточарите, наведува Министерството.

Според МЗШВ, од следната година субвенциите за предадено овчо млеко од годинешните четири денари се зголемуваат на 4,5 денари за литар предадено млеко. И следната година за 10 отсто ќе бидат зголемени субвенциите за сточарите со развоен потенцијал вклучително и за одгледувачите на овци. Од 2019 година ќе почне и електоронското преобележување на ситниот добиток вклучително и на овците, со што ќе се евидентира точниот број што е важно за креирање на мерките за субвенции во овчарството. Исто така, следната година преку програмите на МЗШВ за ЈП Пасишта ќе бидат одвоени 24,5 милиони денари наменети за колектори и агрегати за обебездување електрична енергија за летните пасишта (трла) со овци. МЗШВ работи на измени на Правилникот со кој е предвидено олеснување на критериумите за отворање на мали производни капацитети за преработка на традиционални сточарски производи.

– Оваа година во Програмата за 2017 година за 10 отсто се зголемија субвенциите за сточарите со развоен потенцијал, вклучително и за одгледувачите на овци, а дополнително има и дополнителни директни плаќања од 30 отсто за зголемен пријавен број на грла во основно стадо. Сточарството е во фокус на активностите на министерството, што се гледа и по критериумите одредени за новиот оглас за мерката „Млад земјоделец“, според кој предност имаат токму младите сточари, вклучително и одгледувачите на овци. Понатаму, за прв пат се објавија наменски огласи за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп за производство на добиточна храна до 3 и над три хектари. На овој начин се стимулира поевтино домашно производство на добиточна храна, стои во соопштението.

Се наведува и дека паралелно, МЗШВ активно работи на нов закон за пасишта што ќе им помогне на сточарите во планирањето и организирањето на сточарското производство.

– Со новиот закон по речиси 20 години ќе се уреди постапката и користењето на пасиштата во државна сопственост како добро од општ интерес, на современ и транспарентен начин. Со законските решенија е предвидено да се воспостават евиденција на државните пасишта и Регистар на пасиштата, како и да се пропишат одредби за класификација на пасиштата согласно со нивната намена, наведува МЗШВ.

Воедно информира и дека на вчерашната владина седница се обезбедени финансиски средства за исплата на субвенциите за огранско производство, меѓу кои се и субвенциите за одгледувачите на овци кои имаат органско производство, за што исплатата ќе почне оваа недела.

– Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој по основ на сите мерки за овчарство од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година, се исплатени скоро една милијарда денари субвенции, дополнува Министерството за земјоделство.

Одгледувачите на овци за утре во 10 часот најавија мирен протест пред Министерството за земјоделство поради, како што соопштија, алармантната состојба во овчарството.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрушевски: Арекспорт со договор кој го потпишал Љупчо Николовски се обврзале на инвестиција од над 2.4 милиони евра, не реализирале ниту 300 илјади

МЗШВ: Префрлени се сто милиони денари на АД Водостопанство за заостанатите плати

МЗШВ: Лозарите претходната Влада ќе ја паметат по ниските откупни цени и безредие

МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани грла говеда

МЗШВ: Исплатени субвенциите за остварено производство во овоштарство и градинарство со вредност од 302 милиони денари кон 13.440 земјоделци

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата