„Транспаренси интернешнал“ проценува дали Ласкова влијаела за грантот на нејзината снаа

Од:

До 20 декември „Транспаренси интернешнал – Македонија“ треба да ја заврши проценката на ризик за четирите компании добитници на грантови од Фондот за иновации кои се изјаснија дека се поврзани со носители на јавни функции. Од проценката на претседателката Слаѓана Тасева ќе зависи дали ќе добијат државни пари компаниите поврзани со Цветанка Ласкова, советничка на премиерот, со министерот за култура Асаф Адеми, со поранешниот министер без ресор Веле Самак и со поранешниот амбасадор Јован Донев. Фондот за иновации, откако најави дека надворешен соработник ќе ја врши проценката на ризик, склучил договор за соработка со „Транспаренси интернешнал – Македонија“ со кои соработуваа и во подготовка на протоколот за постапување со компании поврзани со носители на јавни функции.

„Постапката се спроведува индивидуално за секоја од четирите фирми кои се изјаснија дека се поврзани со носители на јавни функции. Се работи по протоколот, кој е веќе финализиран и објавен на веб страната на Фондот за иновации. Се оценува ризикот од влијание на носителите на јавни функции врз одобрувањето на грантот како и влијанието што можат да го имаат понатака во целиот процес. Без оглед што се изземаа дел од сопствениците кои се поврзани со јавни функционери, проценката на компаниите се врши онака како што аплицирале, бидејќи грантовите им се одобрени пред изземањето. И изземањето ќе биде земено в предвид, но не е пресудно. Ако воведеме практика да аплицираш, да добиеш грант па да се изземеш, ништо не сме направиле“, изјави за „Макфакс“ Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

„Транспареси интернешнал – Македонија“ до 20 декември треба да ја достави во Фондот проценката на ризик кај четирите компании во која треба да укаже дали има низок, среден или висок ризик поврзаноста со носителот на јавна функција. Конечната одлука, врз основа на проценката, ќе ја донесе Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за иновации на првата седница. Директорот Деспотовски вели дека следната седница е закажана на 24 јануари, па очекуваат на таа седница на дневен ред да бидат ставени и четирите компании.

На пари од Фондот за иновации се уште чекаат фирмата „Декодикс“ од чие сопствеништво се иззема снаата на Цветанка Ласкова, компанијата „Т- сенс“ поврзана со сопругата на актуелниот министер за култура, Асаф Адеми, која исто така се иззема од сопственичката структура, „Микросам“ од Прилеп, сопственост на поранешниот министер без ресор Веле Самак, и „Контура“, сопственост на Елена Донева, член на потесното семејство на поранешниот амбасадор Јован Донев.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

ЕуроНикел ќе ги тужи Тасева и Транспаренси Интернешнл – Македонија за клевета

Наум Локоски

(ВИДЕО) Тасева: Ме потценија, заработувам многу повеќе од 50.000 евра

Наум Локоски

(ВИДЕО) Тасева до „Макфакс“ и „А1он“: Ако дојдовте да ми ја минирате прес-конференцијата, ви благодарам

Наум Локоски

(ВИДЕО) Ласкова од Осмомартовскиот марш: Ќе има еднаквост и ќе има живот, доаѓа ново време

Наум Локоски

Тасева го тужела Ставрески и добила контра кривична

Емир Латифовиќ