Романската опозиција в петок ќе поднесе барање за гласање недоверба на левичарската Влада на премиерката Виорика Данчила, а гласањето најверојатно ќе се одржи следниот четврток.
– Гласањето за недоверба е очекувано и неопходно за општеството во Романија и за моментната состојба во нашата земја, изјави лидерот на опозицискиот Сојуз за спас на Романија, Дан Барна.
Тој истакна дека гласањето за недоверба ќе биде поднесено в петок за да биде разгледано во Парламентот в понеделник и да биде ставено на гласање следниот четврток.
Лидерот на опозициската Национална либерална партија, Ралука Туркан изјави дека „Владата на Данчила може да биде сменета“.
– Опозициските партии покажаа упорност и конзистентност, дека се професионалци, дека имаат политичка волја и уште утре може да биде претставена програмата за управување, рече Туркан.
Претседателот на Партијата за национално движење Еуген Томак наведе неколку причини зошто треба да биде сменета Владата на Социјалдемократската партија и Сојузот на либералите и демократите, вклучително и поради тоа што не одвоија средства за проекти за важни патни правци.
Лидерот на Демократската унија на Унгарците во Романија, Келемен Хунор изјави дека партијата сé уште не одлучила како ќе гласа, бидејќи опозицијата не прецизирала кого ќе предложи за премиер и министри и каква ќе биде програмата.
Традиционално, партијата на етничките Унгарци ги поддржува левичарските влади.