(ВИДЕО) Револтирани граѓани кон Филипче и Темелковски: Доста лажевте, болницата да се дислоцира

Од:

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски и министерот за здравство, Венко Филипче на денешната средба во просториите на општината се соочија со гневот на граѓаните од Кисела Вода поради неисполнетото ветување дека болницата за зависници до 30 ноември ќе биде дислоцирана.

Граѓаните кои со години наназад се соочуваат со проблемите кои им ги создаваат зависниците од болницата бараат како од минатата така и од актуелната централна и локална власт, болницата да биде дислоцирана. По 20 минутна расправија граѓаните ја напуштија средбата велејќи дека не сакаат да слушаат празни ветувања.

На средбата министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека една година наназад Форум составен од експерти од министерството за здравство, министерството за труд и социјална политика, општината Кисела Вода и полициската станица „Кисела Вода“ секојдневно работат на изнаоѓање решение за овој проблем.

Разгневените граѓани веднаш реагираа на ова велејќи дека 30 години властите ги лажат со разни ветувања за дислокација, но велат дека овој пат се решени да одат до крај се додека болницата за зависници не престане со работа и биде преместена од овој дел од Кисела Вода каде во непосредна близина има градинки, основни уличишта и паркови каде се движат млади лица.

-Министре ние 30 години се занимаваме со ова, кој ќе не разбере нас. Луѓето одат на работа и ги гледаат голи како седат, се шетаат и боцкаат. Само ние што живееме таму знаеме како ни е. Нас не ни требаат тука говори, сакаме да слушнеме конкретен датум кога болницата ќе биде дислоцирана. Доколку не се најде решение овој месец, од декември болницата нема да работи, ќе излеземе на протест, велат граѓаните.

Тие додаваат дека сите градоначалници досега им ветувале дека болницата ќе биде преместена, но никој од нив не го направил тоа.

-Конкретно на средбава ништо ново не кажавте, ова го слушаме 30 години наназад. Лага е тоа дека изнаоѓате решение, само купувате време. Ги оставивме децата дома затоа што мислевме дека од оваа средба ќе има некаков резултат, ќе дадете некакво решение, вие не го направивте тоа. Кога вие ќе ја дислоцирате болницата, имате решение или немате, ако немате кажете да си одиме дома. На 3 декември болницата нема да работи, рекоа изреволтираните граѓани.
При настанатата вербална расправија министерот Филипче кажа дека болницата за зависници ќе биде со сигурност дислоцирана, а објектот ќе биде пренаменет во поликлиника. Тој конкретно не кажа на која локација ќе биде преместена истата, но истакна дека засега има 3 локации за кои се размислува.

Пред десетина дена жителите на Кисела Вода излегоа на протест на кој им дадоа рок на властите до крајот на месецов да го дислоцираат Центарот за превенција и третман на зависности од дроги. Денеска тие директно му укажаа на градоначалникот дека се спремни да преземат радикални мерки доколку центарот за зависници не престане со работа од декември.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Жителите на улица Народни Херои на протест – блокада на булеварот Борис Трајковски

Горан Наумовски

Филипче: Домашните компании оставени на цедило, пари само за странските

Горан Наумовски

Филипче: СДСМ нема да дозволи повторно поставување на системот „ало началниче“

Филипче: Ќе понудиме современа политичка платформа со силен фокус на економијата и платите

Филипче: Категорично сум против етнички поделби во науката

Филипче: Мицкоски има обврска пред граѓаните и пратениците да го каже планот за евроинтеграцијата на Македонија

Предраг Петровиќ