Наследниците на вишеградскиот сопственик на земјиште Пашан Мустафа Хаџиќ најавија тужба против Република Српска и режисерот Емир Кустурица, кои заедно го градат Андриќград во Вишеград, а поради, како што тврдат, узурпација на земјиштето на кое се гради.
Наследниците тврдат дека тие се сопственици на земјата на која е изграден Андриќград. Мухамед Пршеш, внук на Пашан Хаџиќ, бизнисмен кој живее и работи во Швајцарија изјави за агенцијата Анадолија дека дури ниту донесените судски решенија од судските рочишта за наследство не се впишани во катастар и дека поради тоа не можат да го остварат правото на својот имот.
Тој тврди дека администрацијата на Оптшина Вишеград уште во 2006 година отворено му порачала „дека тој имот ќе биде впишан на новите наследници кога од гробот ќе стане покојниот дедо Пашан“.
Властите, додаде Пршеш, го одржале своето ветување и до денес тој имот не е уредно впишан на име на наследникот, а кога почна изградбата на Андриќград, како што рече, му станало јасно зошто тоа е така.
На прашањето како гледа на градот Андриќград, Пршеш одговори дека на тоа гледа како и секој Бошњак.
– Како би гледал? Како и секој Бошњак, кој растел во таа средина, кој знае се што се случувало за време на агресијата и по неа. Кустурица тврди дека тој сака да врати земја од Турците, уште од пред 500 години, тоа да биде српски град, да го посетуваат српски деца…Тоа што го прават е против се…па и геноцид. Но мостот на Дрина не го изградил еден Србин, туку муслиман и Кустурица нема да може да ги избрише сите тие траги на нашата култура и наследство, рече Пршеш.