Европската унија изготви комплетен пакет уставни амандмани за Босна и Херцеговина, кој подразбира спроведување на пресудата во случајот „Сејдиќ-Финци“, но и предлог членовите на Претседателството на БиХ во иднина да се бираат со електорски гласови, како во САД, каде една електорска единица би била Република Српска, а преостанатите десет кантоните во Федерацијата БиХ, пишува весникот „Прес“.
Повикувајќи се на дипломатски кругови во Сараево весникот открива дека претставниците на ЕУ им понудиле на лидерите на домашните партии предлог за спроведување на пресудата во случајот „Сејдиќ-Финци“, како и членовите на Претседателството на БиХ да се бираат во Парламентот, а не на директни избори. Во истиот пакет се наоѓа и предлогот за електорско гласање за Претседателствотона БиХ.
– ЕУ изготви комплетен пакет уставни амандмани, кои подразбираат спроведување на пресудите, но во разговорите со локалните лидери за сега не постои никаква најава за исклучивост. Тоа ќе биде само понуда на едно од можните решенија. ЕУ сака да ги слушне сите предлози на партиите, но за секој случај изготвила и свој пакет, наведува весникот.
Весникот пишува дека високиот претставник за надворешна политика Кетрин Ештон и комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе на почетокот на април би можеле да го посетат Мостар, каде ќе биде одржан завршниот состанок со домашните лидери, на кој би требало да биде потврден договорот за спроведување на пресудата „Сејдиќ-Финци“.
– Очекуваме политичка спогодба за спроведување на пресудата „Сејдиќ-Финци“ до крајот на март. Ве повикуваме постигнатата политичка спогодба да ја претставите на следниот состанок на високо ниво во април. Тоа би можело да го отвори патот за стапување во сила на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, се наведува во писмото на Ештон и Филе до политичките лидери во БиХ.