Зајакнување на капацитетите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, создавање квалитетна администрација и соработка меѓу институциите, што крајно ќе значи навремени и квалитетни услуги за земјоделците и за сите граѓани има за цел проектот „Функционална анализа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, кој е финансиран од Европската унија, кој официјално започна денеска.
Проектот беше промовиран на работниот состанок на кој присуствуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, претставникот на Делегацијата на Европска унија, Никола Бертолини, директорот за Македонија и Косово на Светска банка Марко Мантованели, како и претставникот на Светска банка за земјоделство, Силвија Маури.
На работниот состанок беа презентирани сите активности околу проектот, начинот како ќе спроведува и што ќе бидат крајните придобивки.
– На Република Македонија и претстои сериозен период на развој, период во којшто нашите политики како држава се насочени кон забрзување на евроинтеграцискиот процес. Како Министерство, континуирано работиме на прилагодување на земјоделскиот сектор кон европските стандарди. Спроведувањето на овој проект ќе придонесе за зајакнувањето на капацитетите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе се создаде квалитетна администрација и соработка меѓу институциите, посочи министерот Николовски.
Претставникот на Делегацијата на Европска унија, Никола Бертолини, потенцираше дека функционалната анализа е почетна точка за да се анализира дали стручните вработени лица се распределни на соодветни места и дали можат да ги дадат соодвeтни резултати. При тоа Бертолини посочи дека ефикасното спроведување на анализата е важно и за претпистапниот период на земјата во Европската унија.
Директорот за Македонија и Косово на Светска банка Марко Мантованели, потенцираше дека земјоделството е важен сектор за нашата земја и од аспект на вработувања и од аспект на учество во бруто-домашниот производ и има можност да биде вистински двигател на економскиот раст. Затоа, како што посочи Мантованели, заедно со ЕУ ќе дадат препораки како МЗШВ да ги направи своите политики и услуги поефикасни, за земјоделството како двигател да биде поефикасно.
Залагањето на Европската комисија за пристапување во ЕУ до 2025 година, како што посочуваат од МЗШВ, значи дека функционалноста и работните процеси на МЗШВ треба да бидат ревидирани и соодветно подобрени. Европската унија за оваа немена има издвоено 500.000 евра, а функционалната анализа се предвидува да заврши до јули 2019 година. Нејзина цел е да ги дефинира клучните показатели кои влијаат во унапредувањето или ја намалуваат ефективноста и ефикасноста на земјоделството и руралниот сектор. Проектот опфаќа анализа на повеќе сегменти на работењето на МЗШВ, односни три структурни активности: формулирање и управување со политики и стратегии, oрганизациска ефективност и управување со ресурси.