Фото Кино Клуб „Козјак“ Куманово и годинава, традиционално, организира фото школа, соопштија денеска од клубот и ги повикаа заинтересираните да се обратат до просториите на клубот кај „Народна Техника“.
Организаторите велат дека целта на оваа школа е да се едуцираат и промовираат млади кадри за уметничка фотографија, кои ќе станат дел од клубот.
Курсот ќе трае четири месеци и е поделен во два дела, обука за користење на фотоапарат и негови функции заедно со композиција на уметничка фотографија и дигитална фотолабораторија – Photoshop.
– Школата се организира од 2009 година и досега поминале близу 250 курсисти. И годинава оние кои ќе го завршат курсот ќе се стекнат со диплома и ќе учествуваат на клупската изложба „Мајски Салон“ на која ги презентираме најуспешните дела во тековната година на клубот, изјави Милош Нешковски, од Фото Кино Клуб „Козјак“.
Преку клубот, новите членови учествуваат и државни и интернационални конкурси за уметничка фотографија. Годинава, Фото Кино Клуб „Козјак“ слави 70 години постоење.