Шахистите на Алкалоид го победија израелски Реховот Чесс Скул со 5,5:0,5 во второто коло од Европското клупско првенство во Порто Карас, Грција.
Израелскиот претставник единственото реми го „извади“ на петтата табла каде за „фармацевтите“ настапи Павел Елјанов.
Останатите шахисти на „Алкалоид“ и во второто коло ја покажаа својата надмоќност, особено засилени со присуството на четвртиот играч во светот, Динг Лирен кој го замени Недев, и Јуриј Криворучко на местото на Филип Панчевски.
– Навистина, ми беше тешко да се одлучам кои шест играчи ќе го започнат дуелот. И Недев и Панчевски во првото коло одиграа велемајсторски, но сепак бев принуден да им дадам шанси и на останатите. Тоа се покажа како исправно бидејќи сите ја извршија поставената задача и постигнатиот резултат е реален, изјави капитенот Драгољуб Јаќимовиќ.
Вториот наш претставник, „Гамбит Асеко СЕЕ“ во второто коло одигра нерешено со Е.С. Тесалоникис.