Грчката корпорација ОТЕ, која е сопственик на 99,70 отсто од акциите на „Телеком Албанија“,директен партнер со „Дојче телеком“ потврди дека се уште нема никаква значајна вест која треба да се соопшти.
– Се уште немаме ништо важно што би требало да објавиме. Корпорацијата ОТЕ, врз основа на своите стратешки приоритети и деловни намери, постојано ги оценува своите средства, вклучувајќи ги и оние во Албанија. ОТЕ ги проценува можностите на пазарот за да создаде вредности за своите акционери, да обезбеди одржливост и да ги унапреди интересите на корпорацијата. Процесот на оценување и дискусиите за ова прашање продолжуваат и со други колеги, изјавил Костас Канакарис, висок менаџер за односи со медиумите во ОТЕ.
На почетокот на овој месец, „Телеком Србија”, каде што српската влада има 58,11 отсто од акциите, го потврди својот интерес за купување на „Телеком Албанија” со понуда од 61 милион евра што и беше понудена на грчката корпорација ОТЕ и индиректно на „Дојче телеком “.
Албанската Влада се изјасни дека не сака „Телеком Србија“ да биде нов сопственик на „Телеком Албанија“, а тоа јавно вчера го кажа и премиерот Еди Рама.
– Ставот на албанската Влада е многу едноставен и јасен: српските компании се добредојдени во Република Албанија, но не е и во овој стратешки сектор, изјави Рама.
Тој додаде дека независно од тоа што албанската Влада не е дел од трансакцијата што ќе ја направи една приватна компанија ,како Дојче телеком, која се повлекува од малите пазари и врши продажба не само во Албанија туку и во други земји, сепак станува збор за стратешки сектор и нормално е албанската Влада да се праша и од неа да се побара став.