Седумдесетина младинци од средните училишта и од граѓанските здруженија, како и вработени во комуналното претпријатие „Водовод“ се вклучија во еколошката акција за расчистување на излетничките локалитети Гоцева шума и Бавчалук во Кочани.
Тие се одзваа на повикот на Центарот за култура, комуникација и едукација на Ромите „Светла иднина“, кој е носител на проектот „Младите успеваат заедно“, а во чии рамки е започната и иницијатива за формирање Младинска акциона група.
– Покрај еколошката цел, еден од мотивите за организирање на еко-акцијата е да го промовираме единството помеѓу младите од различно етничко потекло во давањето придонес за здрава животна околина. Ова е втора активност за уредување на излетничките локалитети, а претходно ја расчистувавме околината на Споменикот на слободата во Кочани. Нашата крајна цел е да заживее Младинската акциона група чија задача ќе биде да ги потенцира проблемите со кои се соочуваат младите на локално ниво, истакна Мануела Саидова, претседател на ЦККЕР „Светла иднина“.
Еко-акциите и иницијативата за формирање Младинска акциона група се финансирани со грант од УСАИД во рамки на проектот за граѓанско учество, а поддршка дава и општина Кочани.
Проектот на ЦККЕР „Светла иднина“ ќе се реализира до крајот на јануари идната година, а од него треба да произлезе стратегија за младите што треба да го насочи младинскиот активизам на локално ниво.