Во Штип денеска беше промовирана програмата „Креативна Европа“ и нејзините потпрограми Култура и МЕДИА. Целта на презентацијата беше да се информираат културните институции, невладините и институциите од аудиовизуелниот сектор за повикот за културна соработка којшто претстои.
– Програмата на „Креативна Европа“, конкретно за проектите за соработка, на кои денеска ќе се фокусираме, има две категории, односно проекти за соработка со поголем обем и проекти за соработка со помал обем. Грантовите се до два милиона евра за оние коишто се од поголем обем, и ЕУ грант до 200.000 евра за оние коишто се од помал обем, рече Билјана Прентовска, одговорна за потпрограмата „Култура“.
Оние кои ќе конкурираат за грантовите од два милиона евра треба да обезбедат и буџет од 50 отсто за кофинансирање, бидејќи проектот може да чини четири милиони евра, од кои два милиона евра се грант, а останатиот дел го обезбедуваат оние коишто аплицираат. За проектите со помал обем, кофинансирањето изнесува 40 проценти, а остантите 60 проценти ги кофинансира ЕУ.
– Станува збор за копродукциски проекти, значи проекти од сите области и дисциплини од културниот сектор. Пред се, најважен приоритет на „Креативна Европа“, не само за потпрограмата Култура и за потпрограмата Медиа, приоритет е размена на публика. Меѓутоа, тоа не значи дека останатите дисциплини не се опфатени, напротив се тежнее кон поголема експерименталност, иновативност, авангардност во овие проекти и да имаат мултидисциплинарен карактер, рече Прентовска.
Бистра Георгиева за потпрограмата „Медиа“ на „Креативна Европа“ рече дека таа нуди финансиска поддршка за аудиовизуелниот сектор.
– Има неколку начини да се аплицира, да речеме за развој на сценарио, серија, филм, анимација, анимациски филм, ТВ-програми, а исто така се поддржуваат и филмски фестивали – на пример, „Македокс“ три години се поддржува, потоа видеоигри и различни тренинг-програми за професионалци од овој сектор, додаде Георгиева.