Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство подготви интервентна мерка за индустриското јаболко, коепоради временските непогоди има поголема количина и не може целосно да биде преработено во домашните капацитети. Од МЗШВ соопштуваат дека мерката ќе биде финализирана до крајот на оваа недела, а ќе биде дискутирана на следната владина седница.
Во соопштението се појаснува дека преку Програмата за рурален развој МЗШВ предвидува поддршка и за преработувачките капацитети, со цел да овозможи поголем простор за откуп на призводите и извоз од државата.
Во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година за 10 отсто се зголемени субвенциите за одржување на овошни насади. Овие субвенции годинава се зголемени за 20 отсто за земјоделците со развоен потенцијал.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство истакнуваат дека континуирано се следи состојбата на пазарот, се воведуваат нови и интервентни мерки, со цел да се овозможат подобри услови за работа за сите учесници во агро-секторот, вклучително и овоштарството.