[staff name=”Предраг Петровиќ” position=”Автор”][/staff]
Новинарите колективно им се извинија на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и на премиерот Никола Груевски.
Со ова го изразија својот став и ироничен коментар, на фактот што под притисок од новинари и уредници се бара јавно извинување за објавени тесктови.
Со ова велат се цензурира слободата на медиумите.
Дел од новинарите бараат извинување затоа што не работат според потребите и нарачките на политичарите.
Првото извинување е до спикерот Вељаноски.
„Согласно законските одредби, му се извинувам на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски затоа што не ги манипулирал резултатите од анектата за наводните инциденти на 24 декември 2012 во Собранието и истите ги повлекувам. И инцидентите, и резултатите. Затоа што не истражив кој му ја скршил веце шољата на Дадар. Затоа што не го послушавме обезбедувањето на Собранието кое убаво нè замоли да ја напуштиме ложата. Затоа што во Собранието нема маникир за ноктите на пратениците“, пишува во извинувањето.
„Поради зголемената побарувачка на извинувања, а тоа е нешто што не сум го учеле на факултетите, ниту како предмет, ниту во редакциите, Синдикатот на новинарите дојде на идеја да им се најде на луѓето да се справат со оваа нова новинарска алатка и изготвивме еден образец со извинувања до претседателот на Собранието и еден до премиерот Никола Груевски, во кој се наведени причините за извинувања. Со овој образец претседателот Вељаноски кога ќе се најде навреден може да ги отвори извинувањата и да ја задоволи својата потреба“, изјави Тамара Чаушидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите.
На премиерот му се извинија за секое ненарачано и нетематско прашање, бидејќи доаѓале на време на прес конференции, затоа што Македонија падна на најниско ниво според медиумските слободи.
„Се извинуваме затоа што ја сакаме професијата која треба да остане во вистинска смисла она што треба да значи работа според принципи, а не она што го имаме како денешна медиумска слика. Се извинуваме затоа што поставуваме прашања кои во денешно време се насловени како тематски. Се извинуваме на граѓаните кои мора да се водат според она што го гледаат и читаат во медиумите“, Драган Антоновски им се извини и на граѓаните.
Првата група извинувања е веќе испратена, а сите што тоа не го сториле, а би сакале, образецот за извинувања можат да го симнат од страната на ССНМ , или пак извинување да испратат на [email protected], за потоа да биде проследено до посочените личности.