Лидери од регионот, како и европратеници, денеска во Скопје учествуваат на форумот на Либералната мрежа на Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН) по повод десетгодишнината од нејзиното формирање, на кој говорат за соработката на земјите од регионот и перспективите на либерализмот, како и забрзувањето на интегративните процеси на земјите од ЈИЕ во НАТО и ЕУ.
Претседателот на ЛДП и пратеник во Собранието на Република Македонија, Горан Милевски, кој е и домаќин на настанот, на отворањето на Форумот рече дека тој има цел да го зацврсти патот на земјава кон стратешките партнери НАТО и ЕУ.
– На конзервативните балкански простори тешко е да се биде либерал и затоа ЛДП како дел од владината коалиција настојуваме да се направат структурни промени што би значело демократизација и либерализација на општеството. Со нашите чекори имаме за цел да го зацврстиме патот на идните генерации да работат на подобрување на сите сфери во општеството, рече Милевски.
Претседателот на ЛИБСЕЕН Роман Јаќич, рече дека денес во Европа либералните вредности се загрозени, тие во некои земји дури и не се применуваат, а во државите каде што се применувале сега се под закана од ксенофобски движења или ксенофобска реторика.
Во однос на претстојниот референдум во Македонија, Јаќич рече дека тој ќе го отвори патот за посветла иднина на земјата.
Раќич смета дека вмрежувањето и брзата размена на информации, што ќе овозможи брза реакција, е важна за либералните групи во регионот.
– Вмрежувањето на ЛИБСЕЕН е едно од малите камчиња во мозаикот за борба за демократија во регионот, оцени Јаќич.
Весна Пусиќ од редовите на Хрватската народна партија-либерални демократи (ХНС) и поранешна шефица на хрватската дипломатија, вели дека либерални вредности отсекогаш биле заштита на правата на малцинствата, владеење на правото, борба за демократија, слобода на говор.
Овие концепти, според неа, од различни причини ја изгубиле својата моќ затоа што луѓето станале цинични кога помислуваат на овие работи и како што рече, либералите станале жртви на сопствениот успех.
Вели дека на политичарите им е важно само да ги добијат изборите, и тогаш се јавува демократија без либерализам. Во ваква демократија, рече Пусиќ, може да се појави и некој вид диктатура, и кој и да е диктатор, легитимно е избран. Смета дека противниците на либерализмот сега на избори користат пософистицирани концепти кои се поблиски на либералите, а кои откако ќе ги добијат изборите не ги применуваат.
Според неа, на либералите им е потребен нов концепт, нов повик што ќе ги заинтригира луѓето за овие либерални идеи, а тоа ќе се постигне преку јакнење на образованието.
Претседателот на српската Либерално-демократска партија Чедомир Јовановиќ рече дека иднината на либералите е во Европа и тоа зависи од самите нив.
Јовановиќ рече дека сака да го види целиот регион на Западен Балкан во заедничка борба во вистинските процеси на евроинтеграциите.
ЛИБСЕЕН која е основана во 2008 година во Скопје како иницијатива за собирање либерални политички партии во регионот и придонесува кон развојот на регионот преку спроведување либерални политики во политичките системи на овие земји.