Ослободувањето на илјадници курдски активисти од турските затвори може да помогне во иницијативата за завршување на конфликтот со курдските бунтовници во Турција, се наведува во годишниот извештај за човековите права за 2013 година на организацијата за правата на човекот „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ), пренесоа британските медиуми.
Законите за борба против тероризмот на турските судови им овозможија во затвор да сметуваат луѓе кои учествувале во акции без знаци на насилство, борејќи се, пред се, за поголеми права на Курдите, посочи „Хјуман рајтс воч“.
Во последните неколку месеци, истовремено, премиерот Реџеп Таип Ердоган вложува напори за завршување на конфликтот со Курдската работничка партија, што трае приближно три децении, забележаа британските медиуми.
– Доколку владата е сериозна во однос на намерата за надминување на курдското прашање во Турција, прв добар чекор ќе биде ослободувањето на илјадници уапсени курдски политички активисти, новинари, борци за правата на човекот, синдикалци и студенти, изјави Ема Синклер-Веб, експерт на ХРВ за Турција.
Во извештајот на ХРВ се посочува уште дека Турција се занимава со предметите за прекршување на човековите права од страна на силите на редот и дека не забележала напредок во истрагата за воздушниот напад на турската армија, на крајот на декември 2011 година, во кој по грешка беа убиени 34 курдски селани, бидејќи биле заменети за курдски терористи.
Оваа организација, исто така, забележа дека во Турција е сериозно ограничена слободата на изразување.