Турската влада планира да исплаќа по 300 турски лири, под форма на ваучери за храна за бебињата и малите деца, на семејствата со повеќе од три деца, соопшти денеска турскиот весник „Акшам“.
Проектот е подготвен по наредба на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во врска со неговиот апел турските семејства да имаат по најмалку три деца.
Планот е заеднички разработен од четири министерства: за семејство и социјална политика, за финансии, за развој и за труд и социјална сигурност.
Се планира сумата од 300 турски лири (123 евра) да се доделува на повеќедетните семејства под форма на ваучери за храна за децата од раѓање до три години.
По 300 турски лири ќе им се даваат и на семејствата со малку поголеми деца, за трошоци за детска градинка за малите деца на возраст од три до шест години.
Турскиот сајт Интернетхабер забележува дека владата соопшти за планираната помош откако минатата недела беа објавени новите податоци за бројот на населението во Турција, кое надмина 75 милиони лица, но беше забележем пад во прирастот на населението во 2012 година во однос на претходната година.