Депонијата „Ралова Чука“, која се наоѓа пред влезот на Делчево кај селото Очипала, по само 20 дена од последното чистење по налог на Општина Делчево, денеска повторно ја чистеа екипи на комуналното претпријатие „Брегалница“.
Како што потврди директорот на претпријатието, Стојче Стојковски, акцијата за чистење се реализира повторно, поради очајна состојба на депонијата во чија близина се наоѓа голема количина отпад од секаков вид, расфрлан и во околината на депонијата и на самиот пат.
– Иако, пред 20 дена извршивме детално чистење на депонијата Ралова Чука, која е наменета за депонирање градежен шут, по редовниот надзор на депонијата забележавме дека таа продолжува да се користи за депонирање на секаков вид на отпад. Од наша страна по сугестија на Општина Делчево повторно е извршено детално чистење на депонијата и се преземени активности за нејзино оградување, вели Стојковски.
Од претпријатието и општината упатија апел депонијата во иднина да се користи рационално од страна на граѓаните.
– Апелираме до граѓаните совесно да го селектираат и депонираат отпадот и на депонијата Ралова Чука да се депонира исклучиво отпад кој е класифициран како градежен шут. Другиот отпад граѓаните да го депонираат на соодветно место од каде ќе биде подигнат од страна на вработените во јавното претпријатие, рече Стојковски.
Со цел да се воспостави ред во користењето на депонијата, како што истакнаа од претпријатието и општината, ќе се засилат контролите, а за несовесните граѓани ќе се преземат казнени мерки согласно законските прописи.