Реализацијата на буџетот на општина Делчево за вториот квартал од годинава изнесува 40 проценти, односно од вкупно планираните приходи во висина од 282 милиони и 840 илјади денари, за првиот квартал се реализирани 114 милиони 548 илјади денари. Од нив, во основниот буџет, од планирани 103 милиони и 119 илјади денари, реализирани се 37,5 проценти или 38 милиони и 743 илјади денари.
Според раководителот на Одделението за финансии Анка Христова, даночните приходи се наплатени во износ од близу 14 милиони денари од вкупно планираните 35 милиони и 859 илјади денари што процентуално е 39 проценти. Најголема е наплатата од даноци на имот, потоа од специфични услуги како што се комунални такси од фирми, одржување на јавно осветлување, користење на улици и уредување на градежно неизградено земјиште, како и приходи од административни такси и надоместоци.
– Капиталните приходи се наплатени во износ од 11 милиони и 203 илјади денари од вкупно планирани 18 милиони 409 илјади денари или 61 процент, а тоа се приходите од продажба на земјиште во износ од над еден милион денари, надоместок за концесии за експлоатација на минерални суровини 169.730 денари, надомест за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект-легализација во износ од половина милион денари. Трансферите од други нивоа на власт се реализирани во износ од 22.036.047 денари од вкупно планираните 58.623.000 денари или 37,6 проценти и тука спаѓаат средствата добиени по основ на дотации на општината од приходи од ДДВ 12.897.006 денари, како и трансфери од други нивоа на власт и трансфери од буџетите на фондовите во износ од 9.139.041 денари, истакнува Христова.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 282.840.400 денари, односно во ист износ како и вкупните приходи. Од нив реализирани се 105.205.958 денари или 37 проценти.
Капиталните расходи се реализирани во износ од 11.890.863 денари од планираните 48.892.000 и најголем дел од нив се исплатени за реконструкција на улици и патишта.