Три кинески модерни воени бродови денеска впловија во водите околу спорните острови во Источно Кинеско Море, што се во центарот на територијалниот спор со Токио, само еден ден откако јапонскиот премиер Шинзо Абе изјави дека нов самит со кинеските лидери може да ги поправи влошените односи меѓу двете земји.
Јапонската крајбрежна стража соопшти дека бродовите на кинеската Агенција за поморско надгледување, околу пладне по локално време, влегле во водите околу архипелагот острови, кои Токио ги нарекува Сенкаку, а Пекинг Диаоју.
Кина редовно испраќа бродови во областа околу спорните острови укажувајќи на тој начин дека ги смета за свој суверенитет. Јапонското купување на спорните острови од приватен сопственик, минатиот септември, предизвика жолчни протести во Кина и повици за бојкот на јапонската стока. Неодамна Јапонија крена и борбени авиони во воздух за да го спречи влегувањето на кинеските извидувачки авиони во воздушниот простор над островите, за кои Јапонија тврди дека се нејзини.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе вчера порача дека е подготвен да се сретне со кинескиот лидер за да се обноват врските што беа нарушени со територајалниот спор, но и додаде дека нема место за разговори за нивното несогласување околу спорната група мали острови.
– Средба на највисоко ниво е неопходна и треба да се одржи бидејќи има проблем, рече Абе и додаде дека доколку е потребно можеби треба односите да почнат од ново, со нов самит.
Генералниот секретар на Комунистичката партија на Кина, Си Џипинг, минатата недела, преку јапонскиот амбасадор, порача дека има волја за оддржување самит, но дека кинеската позиција во поглед на островите околу кои се спори со Јапонија е јасна и доследна и затоа побара Токио да соработува во решавањето на ова прашање.
Кинеските државни медиуми наведуваат дека влегувањето на трите брода во водите на спорните острови е дел од поморските маневри што ќе се изведуваат во Источно Кинеско Море и во Јужно Кинеско Море. Кина маневрите ги оценува како рутински. но наведува дека ти се организираат во време кога земјата е ангажирана во се посериозниот спор во кој влоговите се големи околу прашањето на поморските територии и островите за кои Јапонија и другите кинески соседи исто така тврдат дека им припаѓаат.