Што е антисемитизам, кога и зошто се појавил, што е гето, Нирнбершки закони и „Кристална ноќ“, кога и каде биле отворени нацистичките логори и колку луѓе настрадале во холокаустот? Одговорите на овие прашања ги слушнаа 60-ина осмоодделенци од четири скопски училишта на предавањето на Теон Џингов од Институтот за национална историја.
Предавањето денеска го организираше Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во соработка со Министерството за образование и наука, во пресрет на 27 јануари кога светот се сеќава на жртвите на холокаустот. Меѓународниот ден се одбележува на 27 јануари со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации од 2005 година, зашто на тој датум во 1945 година најголемиот нацистички логор на смртта, Аушвиц – Биркенау, бил ослободен од војниците на тогашниот Советски сојуз.
Основците од „Димитар Миладинов“, „Ѓоргија Пулевски“, „Петар Поп Арсов“ и „Крсте Мисирков“, од кои некои имаа познавања за темата, на предавањето дознаа дека корените на антисемитизмот се во средниот век кога Евреите биле протерани од Шпанија на религиска основа, а потоа се активирал меѓу двете светски војни со доаѓањто на власт на Хитлеровата Националсоцијалистичка партија во 1933 година.
Дахау, Матхаузен, Треблинка, Аушвиц се меѓу 85 логори на смртта, во кои биле уништени шест милиони Евреи, но и Роми, Словени и противници на нацистичкиот режим. „Фабриките на смрттта“ (од кои само во Аушвиц згаснале животите на над 2,5 милиони Евреи) никнувале на териториите окупирани од Германија, пропорционално на загубите што таа ги трпела на фронтовите во Втората светска војна.
Во црната статистиката се и 7.144 македонски Евреи, кои од Скопје, Битола и Штип биле депортирани, а потоа и убиени во логорот Треблинка. Со нивното уништување, исчезнале 98 проценти од еврејската популација што меѓу двете светски војни живеела во Македонија.
– Нема временска машина со која можеме да го вратиме времето или луѓето што умреле во гасните комори, но затоа треба да се потсетуваме на трагедијата што ја доживеле луѓе кои биле виновни само затоа што се родиле како Евреи, им рече предавачот Џингов на учениците кои го следеа неговото предавање.
Извршнот директор на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија Горан Садикарио изјави дека предавањето е дел од едукативната програма со која низ светот се одбележува Меѓународниот ден по повод ослободувањето на Аушвиц и сеќавање на жртвите од холокаустот. Задоволен е и од интересот на младите за посета на Центарот во текот на целата година, за што придонесуваат и други проекти што се организираат во соработка со МОН.
– Интересот е доста голем, не посетуваат многу ученици кои собираат информации. Им даваме слики и документи од нашите архиви кои потоа ги преточуваат во филмови, така што секој град и секое училиште ќе има приказна за животот на Евреите во Македонија. Минатата година месечно во просек во Меморијалниот центар доаѓаа од 3.500 до 4.000 посетители, рече Садикарио.
Центарот е во завршни преговори за постојана поставка, со која ќе се измени содржината на сегашната, која е дизајнирана да биде патувачка изложба. Во периодот на преуредување, музејот ќе биде затворен, а тоа ќе се случи кога ќе биде одобрен финалниот дизајн на постојаната поставка.
– Меморијалниот центар има потпишано договори со Унгарија, во преговори сме со САД, Израел, Хрватска и Србија за оваа изложба да биде прикажана и надвор од Македонија. Се надеваме дека набрзо ќе бидеме во можност, откако ќе се одобри перманентната поставка и ќе ги отпочнеме градежните работи, да ја претставиме на македонската и на светската публика. Музејот нема да изгледа како сега. Ова се ќе биде тргнато и поставката ќе биде пакувана и праќана на изложби, рече Садикарио.
Меморијалниот центар на Евреите од Македонија е изграден од имотната оставнина на македонските Евреи, собрана во фонд што беше основан специјално за таа цел. Објектот изграден во некогашното Еврејско маало беше свечено отворен на 10 март 2011 година. На 10/11 март 1943 година македонските Евреи биле собрани од бугарските власти во скопскиот Монопол, а потоа со сточни вагони депортирани и сите убиени во Треблинка.