ВМРО-ДПМНЕ ДФ: Мораториум на преговорите за името поради зголемената хистерија на грчките фашисти

Од:

ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фракција бара мораториум на преговорите поради, како што наведуваат „зголемената хистерија на грчките фашисти и ултранционационалисти и нашите преголеми остапки“. Партијата смета дека премиерот Зоран Заев нема мандат, односно нема ниту легалитет ниту легитимитет во име на целата нација да преговара и договара промена на нашето вековно име. Имено, според член 119 став 1 и 2 од Уставот, меѓународни договори склучува претседателот на државата, а Владата само доколку е овластена со закон, а таков закон досега не е донесен.

„Сакаме да го потсетиме премиерот Заев на точка 4 од дадената гаранција при добивање на мандатот со која лично ,,гарантира дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава”, како и на изборната програма на СДСМ во која со ниту еден збор не е споменато промена на името и Уставот. Поради овие факти сметаме дека настојувањето по секоја цена да се постигне договор за промена на името е волунтаристички, неуставен, неморален и непатриотски чин“, се вели во соопштението.

Според нив, „со својот бенигнен и непринципиелен став по однос на преговорите за промена на името, новото раководството на ДПМНЕ е во функција на распродажба на националните интереси и промена на името. Немањето на дециден и конзистентен став е јасен показател за постоење на таен договор помеѓу раководствата на двете најголеми македонски партии, кој со дел од пратениците треба се реализира за време на гласањето во Собранието“. Затоа упатуваат апел до членството на ВМРО ДПМНЕ да изврши силен притисок врз пратениците од своите средини со цел да не подлегнуваат на притисок (внатрепартиски и надворешен) како и да бараат оставка од сите пратеници на ВМРО ДПМНЕ кога евентуално склучениот договор Заев-Ципрас ќе дојде на дневен ред на седница на Собранието.

„Без разлика на резултатите од закажаната средба на двата премиера, поради зголемената хистерија на грчките фашисти и ултранционационалисти несвојствен за граѓани на држава која себеси се декларира како цивилизирана држава, како и поради неспремноста за компромис на грчката политичка елита како од позицијата така и од опозицијата и нашите преголеми отстапки бараме мораториум на преговорите, се до смирување на страстите и надвладување на разумот“, велат од партијата.

Додека трае мораториумот Фракцијата на ВМРО ДПМНЕ смета дека поради наметнатите два неправни услови при нашиот прием во ОН во далечната 1993 година, со кој е навлезено во доменот на строгата внатрешна јурисдикција на државата и е деградиран нашиот правен субјективитет, Владата најитно да го постави прашањето за легалноста на наметнатите два дополнителните услови пред Генералното Собрание на ОН. Со помош на нашите пријатели и поддржувачи потребно е Република Македонија да предложи Резолуција во Генералното Собрание со која ќе бара Советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата за согласноста на поставените дополнителни услови кон Македонија при нејзиниот прием, со одредбите на Повелбата на ОН.

„Бараме за содржината на досегашните средби и разговори на постои архивско досие како и пред секоја средба детално да бидат информирани претседателот на државата и претставниците на сите парламентарни политички партии. Ова го бараме поради фактот што не се работи за приватни средби и разговори туку за разговори и средби кои се однесуваат на иднината и достоинството на нашата државата и нашите поколенија. Бараме под итно пратениците на ВМРО ДПМНЕ да побараат свикување седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, на која Министерот за надворешни работи и премиерот ќе ги информираат претставниците на највисокиот законодавен дом за содржината и на договореното со нашиот јужен сосед. Секое пост фестум информирање како и немање консензус за содржината на евентуалниот договор ќе го сметаме за нелегален и нелегитимен и ќе бараме негово поништување“, е ставот на ВМРО ДПМНЕ- Демократска Фракција.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ – Демократска Фракција: Срамната глума на самоумислените „цареви“ Заев и Ахмети

Ана Ололовска

Демократската Фракција на ВМРО-ДПМНЕ: Двојните аршини на Силјановска и маргинализирање на поддршката од ВМРО ДПМНЕ

Ана Ололовска

Демократската Фракција на ВМРО ДПМНЕ: Честитики за испиленото кукавичко јајце во ВМРО ДПМНЕ

Ана Ололовска

ВМРО ДПМНЕ-Демократска Фракција: Дали е на повидок конечно разнебитување на ВМРО-ДПМНЕ

Ана Ололовска

ВМРО ДПМНЕ-Демократска Фракција: Престанете со понатамошно разнебитување на ВМРО-ДПМНЕ

Ана Ололовска

ВМРО ДПМНЕ – ДФ: Доста ни е од игри и манипулаци, сакаме кривична и морална одговорност

Ана Ололовска