Ова е голема инвестиција која во голема мера ќе влијае врз степенот на развој на македонската економја во годините кога ќе се гради, но и потоа врз основа на големиот број туристи кои ги очекуваме. Уште повеќе ќе значи за Охрид и охридскиот регион, бидејќи ќе ја продолжи туристичката сезона на 365 дена во годината.
Ќе значи ангажман, вработување на илјадници луѓе од Охрид, повеќе бизнис за охридското мало стопанство, рестораните, самопослугите за сите оние субјекти инволвирани во туризмот. Ќе значи ангажман на домашни фирми, кои заедно со странските ќе го градат преоктот, истакна вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција во Охрид на која беше претставен проектот „Сахарјан Македонија“ што ќе се гради на брегот на Охридското Езеро.
Ставрески нагласи дека проектот „Сахарјан Македонија“ сигурно ќе значи многу и за репутацијата на Република Македонија во светот, бидејќи оттаму што се работи за проект што би бил меѓу десетте најдобри хотелско-туристички комплекси од тој вид во светот.
Соодветно на неговиот врвен квалитет комплексот ќе биде и рекламиран во светот, ќе биде познат не само во границите на Европа, туку и пошироко. Тоа сето многу ќе значи за Македонија, рече Ставрески, додавајќи дека за Владата тоа е мотивација повеќе да продолжи со активностите за привлекување странски инвестиции, со цел Македонија да стане подобро место за живеење.
Тој нагласи дека во контекст на потребите од подобро инфраструктурно поврзување, Владата веќе има отпочнато со изгработка на проектна документација за изградба нов пат од Охрид кон Свети Наум до границата со Албанија, како и напорите преку различни модели да обезбеди автопатско поврзување на Охрид со Скопје.
Сето тоа се вклопува во реализацијата на големи проекти од овој тип, кои бараат добри патишта и аеродром и се она што е потребно за полесен проток на гости и туристи, рече Ставрески.
Позитивните економски аспекти од проектот ги истакна и гостинот од Индија, бизнисменот Субрата Рој кој рече дека очекува бенефит како за неговата компанија, така и за Република Македонија, гарантирајќи подобрување на економските состојби во земјата преку проектот „Сахарјан Македонија“.