На 18 и 19 мај во Градската библиотека “Гоце Делчев” во Велес (поранешниот Пионерски дом „Ѓоре Органџиев“) ќе се одржи Фестивалот за млади Џифони патува во Велес кој се организира за учениците на возраст од 13-18 години.
Во текот на двата дена младите ученици ќе го гледаат италијанскиот филм „Девојка во лет“ и холандскиот филм „Малиот ганстер“, ќе дебатираат под водство на актерката Талија Настова која ќе биде и ментор на актерската работилница. Креативноста ќе ја надградуваат со Роберт Јанкуловски како ментор на работилницата за фотографија и Моника Мотеска на ликовната работилница.
Преку филмската програма, дебатите и креативните активности тимот на фестивалот Џифони Македонија се стреми неформално да влијае врз едукацијата на младите во областа на филмот и културата и да ги потенцира естетските вредности на филмот, а преку дискусии на темите од филмовите ќе се поттикнат да ги развиваат способностите за дебатирање. Преку работилниците учениците ќе имаат можност да ја развиваат својата креативност, а секако во текот на двата дена најважната работа за нив е да се дружат меѓу себе и добро да се забавуваат.
Во склоп на филмската програма ќе бидат прикажани и кратки видеа од последните изданија на фестивалите „Giffoni Experience“ од Италија и Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“, со цел приближување на брендот „Џифони’’ кон младите во Велес,
Фестивалската програма ЏИФОНИ МАКЕДОНИЈА ПАТУВА се одржува со финансиска поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија и Фестивалот Џифони Експириенс од Италија, во соработка со Општина Велес и Италијанската Амбасада во Скопје.
Фестивалот Џифони патува во изминатиот период се одржа во Крушево, Берово, Тетово, Штип, Охрид, Битола и Прилеп.
Доаѓа распустот и време е за филмови. Во текот летото Џифони Македонија продолжува со летните активности. Од 18 до 30 јули 12 млади учесници од Македонија и 2 студенти ќе учествуваат на најголемиот фестивал за деца и млади во светот Џифони Експириенс (Giffoni Experience) заедно со младите од преку 50 земји.