Интензивирање на соработката меѓу науката и стопанството, ќе биде во фокусот на годинашниот меѓународен металуршки конгрес што ќе се одржи од 30 мај до 3 јуни во Охрид.
Како што беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија, на Конгресот под мотото „Металургијата, материјалите и заштитата на животната средина“, освен домашни, ќе учествуваат и професори од Турција, Украина, Шведска и Австрија, а целта е најновите научни достигнувања да се доближат до индустријата.
Презентирани ќе бидат околу 30 научни трудови, а предвидени се и презентации од страна на компаниите – учеснички.
– Сакаме да бидеме сервис на индустријата, научните достигнувања да бидат достапни за нашите компании. Засега соработката е сведена на индивидуални контакти меѓу нашите поранешни студенти – сегашни менаџери и науката, истакна Свето Цветковски, професор на Технолошкиот факултет и претседател на Здружението на металурзи при Стопанската комора.
Професорот напомена дека главен проблем на научните работници е недостигот на современа опрема. Новата опрема е прилично скапа поради што факултетите не можат да ја обезбедат сами. Основна верзија на електронски микроскоп чини околу 180.000 евра, посочи Цветковски и додаде дека би било добро во оваа насока што повеќе да се користат европските фондови.
На претстојниот Конгрес во Охрид една од клучните теми ќе биде и обезбедувањето квалитетен кадар за металуршкиот сектор.