Кон крајот на овој или почетокот на идниот месец првпат ќе биде објавен оглас за доделување државно земјоделско земјиште за органско производство.
Како што најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, првпат ќе биде објавен и оглас за доделување државно земјоделско земјиште за производство на органска сточна храна.
– Овој месец ќе биде распишан и нов оглас за неповратни 70 милиони денари поддршка за млади фармери. Средствата ќе се доделуваат по нов правилник, а предност ќе имаат органските производители, истакна Николовски пред почетокот на дебатата за органско производство.
Министерот напомена дека владината заложба за органското земјоделство не е само декларативна и дека производителите во Владата треба да гледаат сериозен и сигурен партнер.
– Почнуваме со мапирање на органските региони, а во финална фаза е и регистарот на органски оператори преку кој ќе располагаме со точни податоци за сите производители од аспект на сертификација, вид на култури, локација на производство и планирани количини со што евентуалната манипулација на потрошувачите ќе биде сведена на минимум и тие точно ќе знаат од кого и што купуваат, подвлече министерот.
Тој го најави и новиот национален план за органско производство во чии рамки треба да влезат сите развојни мерки и реформски активности за зголемување на површините. Рече дека во соработка со Министерството за здравство се подготвува т.н. органско мени за Детската клиника кое подоцна ќе ги опфати и градинките и основните школи, а паралелно се инвестира и во хидромелиоративни системи за да се намали ризикот од помали приноси и за да се зголеми изборот на култури.
Производителите се задоволни од владината поддршка и сметаат дека тоа ќе им помогне многу за уште поголема достапност на нивните производи.
– Извезуваме во Хрватска и Швајцарија. Пласманот воопшто не е проблем, но мора да инвестирате малку повеќе зашто секој купувач очекува стандард, изјави Сузана Димитриевска, производител на органска храна од Мустафино.
На дебатата што ја организираа Организацијата на потрошувачи, Асоцијацијата „Зенит“ и Здружението на агроновинари Медиа плус, уште еднаш беше нагласено дека органското производство значи поголема безбедност на храната, заштита на животната средина и зачувување на здравјето и на земјоделците и на потрошувачите.