Отворени 46. Мајски оперски вечери

Од:

Со звуците на Триумфалниот марш од Вердиевата „Аида“ и со традиционалниот фестивалски оган кој вечерва го запали првенката на Операта Весна Ѓиновска-Илкова, во Македонската опера и балет свечено беа отворени 46. Мајски оперски вечери.

Пред почетокот на првата претстава од програмата – премиерата „Боеми“ од Џакомо Пучини, во фоајето на МОБ се обрати премиерот Зоран Заев. Настанот го поврза со Денот на Европа и рече дека како домаќин на гости од повеќе земји од регионот и Европа, фестивалот испраќа силна порака за здружување на различностите.

– Цело е кога има се, а културата го знае најдобро тоа што политиката се обидува да го прави – да зближува, да разбира, да почитува, да негува, да гради мостови на пријателства, на доверба и на иднина. Затоа, мојата порака е: да слушнеме што воспеваат Мајските оперски вечери од Скопје, што не прави достоинствени – тоа е непроценливото богатство на различностите споени во едно. Тоа е нашата заедничка европска иднина, истакна претседателот на Владата прогласувајќи го фестивалот отворен.

Мајските оперски вечери со сите подеми и падови во речиси половина век постоење сепак успеаја, рече Заев, да останат верни на својата базична идеја за космополитизам. Таа своја одлика Вечерите ја имаат и на годинашното издание зашто во програмата учествуваат уметници од Бугарија, Австрија, Италија, Босна и Херцеговина…

Годинава фестивалот е во знакот на 160 години од раѓањето на Пучини и се одржува под мотото „Го славиме Пучини“. Операта „Боеми“ се враќа на сцената на МОБ по пауза од 11 години. Режисер на обновената премиера е Дејан Прошев, диригент Џанлука Мартиненги од Италија. Во улогите се 12 оперски солисти, а настапува хорот и оркестарот на МОБ.

Оваа опера на Пучини во четири чина е по либрето на Луиџи Илика и Џузепе Џакоса кое се базира на романот „Животот на боемите“ од Хенри Мургер. Во сижето е трагична љубовна приказна во Париз на крајот на 19 век. Светската премиера на „Боеми“ била во Торино во 1896 година. „Боеми“ во Македонската опера и балет првпат е изведена во 1950-та, а прва изведба на Мајските оперски вечери имала во 1999 година.

В.д директорот на МОБ Ќазим Асотиќ на отворањето рече дека новата премиера „Боеми“ е целосна продукција на МОБ. – Сите перики, костими, декор и реквизити беа изработени во нашите работилници и од наши мајстори, што е огромен успех за нашата куќа, рече Асотиќ.Сценографијата е на Зоран Николовски, костимграф е Марија Пупучевска.

До крајот на месецов на фестивалот ќе бидат изведени уште четири опери – „Тоска“ и „Турандот“ од Пучини, „Змејот од Босна“ (гостување на повеќе од сто учесници од Националната опера на Босна и Херцеговина) и „Аида“ од Џузепе Верди на затворањето на 31 мај. Ќе има и два гала-концерта – „Балетски бисери“ и „Пучини&Росини“, како и придружна програма со изложби и промоции на книги.

Би можело да ве интересира

Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на фестивалот „Мајски оперски вечери“

„Лучија од Ламермур“ од Гаетано во рамките на „Мајски оперски вечери“ на 18 мај

Ана Ололовска

Изведба на операта „Норма“ во рамките на 50. Мајски оперски вечери

Ана Ололовска

Мајските оперски вечери од 9 до 31 мај на јутјуб-каналот на НОБ

Ана Ололовска

Изведба на „Травијата“ на 28 мај

Ана Ололовска

Изведба на „Боеми“ на Пучини на Мајски оперски вечери

Ана Ололовска