Втор производствен капацитет на Холандската компанија „Антура“ денеска пушти во употреба втор производствен капацитет во Кочани. Новоизиградениот објект е на површина од 15 илјади метри квадратни, опремен со најсовремена технологија и лабораторија, во кој ќе се произведува цвеќе од видот Phalaenopsis.
За само четири години од доаѓањето во Македонија, оваа гринфилд инвестиција вредна 15 милиони евра обезбеди 440 нови работни места.
Од менаџерскиот тим на компанијата рекоа дека вложувањето во развојот нема да запре, што ќе придонесе двојно да се зголеми производството, но и бројот на вработените.
– Развојот и брзиот пораст на компанијата со првиот погон во Кочани, во кој се произведуваат десетина милиони растенија годишно, ги надмина нашите очекувања. Поради тоа решивме да го удвоиме капацитетот и од денеска за краток период ќе можете да го видите резултатот, а нашите планови се до 2020 година да имаме над 700 вработени. Овој успех е заслуга на сите наши вработени, затоа што да се произведе цвеќе е само еден чекор од успехот, а неговиот квалитетен и брз пласман го комплетира процесот, истакна Јохан Хејле, управител на компанијата Антура МК.
На предавањето на новиот капацитет на „Антура“ присуствуваше и вицепремиерот Кочо Анѓушев кој рече дека Владата на Република Македонија и понатаму ќе поддржува вакви и слични успешни странски инвестиции.
– Сигурноста на капиталот и предвидливоста се најважните рабопти за секој инвеститор, поради што инвестициската поддршка што Владата ја дава за сите економски оператори во Македонија, ја преточивме во закон. Среќен сум што тој закон неделава помина во Парламентот и „Антура“ ќе биде еден од првите корисници на придобивките од него, во однос на она што инвестирале во 2017 година. Сакам да ги повикам сите инвеститори да го препознаат потенцијалот што го има Македонија, а ние како Влада ќе понудиме помош и партнерство за решавање на сите пречки и потешкотии, рече вицепремиерот Анѓушев.
На отворањето на новиот погон присуствуваа и холандскиот амбасадор Вилем Воутер Пломп, членови на управниот одбор и менаџерскиот тим, градоначалници од регионот, владини претставници и вработени во „Антура МК“.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев вети дека освен во индустријата, општината ќе даде поддршка и на странски инвестиции во земјоделството и во развојот на бањскиот и планинскиот туризам
Инаку, компанијата „Антура“ е една од петте странски инвестиции што дојдоа од Холандија и успешно работат во Кочани.