Над 500 деца од сите основни учулишта од Скопје, утре ќе го започнат викендот на Скопскиот маратон со Детскиот мини маратон испраќајќи порака за создавање училишта без насилство.
Ова е втора година како УНИЦЕФ соработува со Унијата на спортовите од Скопје, кои се организатори на „Визер – Скопски маратон“, со цел да ја вклучи пошироката заедница во иницијативи што се важни за здравјето и благосостојбата на децата.
„Занимавањето со спорт е одличен начин да се канализира енергијата и да се зајакнат некои важни доблести кај децата, како што се доследноста, соработката, заемната почит, здравиот натпреварувачки дух и самодовербата“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. „Драго ни е што оваа година Детскиот мини маратон го свртува вниманието на потребата да се негуваат овие исти доблести во образованието за да се спречи насилството во училиштата“.
Според УНИЦЕФ, насилството во училиштата го одразува она што се случува дома и во пошироката заедница. Безбедни училишта не се случуваат тукутака; ги создаваат и ги одржуваат луѓе што се посветени на обезбедување позитивни и полни со заемна почит односи и околина. Ова бара преземање акција од страна на сите – децата, наставниците, другите вработени во училиштето, родителите и пошироката заедница.
„Спортот има моќ да ги привлече и да ги мотивира луѓето, да го насочи вниманието на важни работи и да ги вклучи сите“, рече Кире Синадиновски, директор на „Визер – Скопски маратон“. „Тоа е духот и на Детскиот мини маратон – да им се даде на децата можност да учествуваат и да го привлечат вниманието кон работи што им се важни“.
Детскиот мини маратон 2018 ќе започне утре во 10 часот во паркот „Авионче“ во Ново Лисиче во Скопје. Легендарната маратонка од Велика Британија, Паула Редклиф, исто така ќе го отвори настанот.