Џоломарите од кавадаречкото село Бегниште кои ја продолжуваат повеќевековната традиција, маскирајќи се со страшни маски гонејќи го злото, изминативе три дена ги избркаа и лошите духови во бугарскиот град Варна.
Орданчо Лазаров, претседател на џоломарската група, појаснува за МИА дека биле првата и единствена група од Македонија, која земала учество на карневалот во морската престолнина.
– Имаше 62 карневалски групи со околу 1.300 учесници. Во категорија за целосно претставување на странска група од друга држава, добивме награда од илјада лева од организаторот, информираше Лазаров.
Близу морето, имало и базар на кој се претставувале бројни традиционални занаети.
Во џоломарската игра учествуваат мажи кои се маскираат со кожувчиња и бради, ги црнат лицата со саѓи, вреват тропајќи со стапови и клопотарци и на тој начин ги бркаат лошите работи, отворајќи го патот за добрите нешта.
Џоломарите од Бегниште како атракција, имаат настапувано на бројни карневали во земјава и странство.