Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска ќе ја отвори постојаната поставка во Музејот на Старата скопска чаршија, сместен во просториите на Сули Ан.
Постојаната музејска поставка има за цел да ја претстави историјата на чаршијата и вредностите кои произлегле од неа, од 11 -12 век до денес.
Археолошкиот дел ги презентира предметите добиени со археолошките истражувања во Чаршијата и во Скопското кале во континуитет од средниот век до османлискиот период. Преку монети и керамички предмети се добива слика за животот во чаршијата и претстава за разновидната трговска и културна испреплетеност на овој простор.
Историскиот дел е прикажан преку раскажаната историја на левиот брег на реката Вардар од 11. век наваму, изложените фотографии, карти и планови, и го прикажува основањето, развојот и животот на Старата скопска чаршија, како и историјатот на позначајните културно-историски споменици во чаршијата.
Етнолошкиот дел го презентира животот во чаршијата преку неговите најдоминантни професии занаетчиството, трговијата и угостителството кои егзистираат во сосема изменет вид.
На поставката главен акцент е ставен на повеќе занаети: ќурчиско-кожуварски, папуџиски, терзиско-срмаџиски, кујунџискиот, казанџиски и други.
Поставката е придружена со уметнички дела инспирирани од мотивите на Чаршијата.
Застапена е првата генерација на македонски современи ликовни уметници Мартиновски, Пандилов, Владимирски, Коџоман и други, како и дел од современите ликовни уметници на Македонија Анастасов, Мазев, Перчинков…
Современиот пристап во музејската поставка, според Музејот на град Скопје, ќе придонесе во подобрата едукација на младите во нивното запознавање со културното богатство на Градот Скопје, но и во зајакнувањето на туристичката понуда на градот, затоа што овој музеј е центар преку кој туристите и граѓаните ја осознаваат богатата историја на чаршијата и нејзиното функционирање низ вековите.
Просторот за музејската поставка се реновираше и адаптираше во 2011 и 2012 година.
Значењето на чаршијата само по себе потикна во 1983 година да се формира Музеј на Старата скопска чаршија, како депанданс на Музеј на град Скопје, сместен во споменикот на културата Сули-ан.
Старата скопска чаршија е лоцирана во централниот дел од градот на просторот меѓу скопската тврдина, Саат-кулата и кејот на реката Вардар.