Неколку босански НВО покренаа петиција за разрешување на Вук Јеремиќ, како претседател на Генералното собрание на ОН поради неговото неодамнешно организирање на концертот на белградскиот хор “Вива Вокс” во седиштето на ОН во Њујорк, каде што е интерпретирана песната “Марш на Дрина”.
“Вук Јеремиќ треба да се отстрани, за да не може да ја користи платформата на ОН за ширење на омраза”, се наведува во онлајн петицијата, која досега е потпишана од над 3.500 луѓе, објави “Балкан инсајт”.
Во петицијата Јеремиќ се обвинува дека на 14 јануари, по повод српска Нова Година, организирал изведување на песната, која, како што се вели, “оригинално била напишана како химна по Првата светска војна и која се слушала во текот на српските напади врз босанските градови по должината на реката Дрина за време на војната во 1990-тите.”
“Концертот е скандалозна навреда за илјадници невини жртви на геноцидот во Босна и Херцеговина”, се вели во петицијата потпишана од Конгресот на Бошњаците од Северна Америка (KBSA), Советодавниот совет на Босна и Херцеговина, Босанско- американски институт за геноцид од САД и Институтот за истражување на геноцидот од Канада.
KBSA неодамна го поздрави извинувањето на Мартин Несирки, портпаролот на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, поради изведбата на песната во ОН.
Несирки претходно изјави дека “ОН се свесни дека некои луѓе се повредени со изведбата на српската воена песна”, додавајќи дека генералниот секретар не бил свесен за каква песна станува збор.