Проблемот со насилството во училиштата што е актуелен деновиве во државава, како и прашањето за користење безбеден интернет од страна на учениците, се најдоа на дневен ред на редовниот состанок на Советодавната граѓанска група (СГГ) во Делчево.
На состанокот присуствуваа и наставници и стручни служби од основните и средните училишта, како и претставници на повеќе локални институции и НВО сектор, при што беше констатирано дека во делчевските училишта нема регистрирано случаи на екстремно насилно однесување на ученици. Но, сепак, беше заклучено дека мора да се остане посветен на следењето на состојбите во училиштата и да се преземат превентивни мерки, меѓу кои и одржување на работилници од советодавен карактер во кои ќе бидат вклучени учениците, наставниците, стручните работници, како и родителите.
Инспекторот за превенција Виолета Илиевска, која е координатор на СГГ, информираше и за новите трендови на информативен и компјутерски криминал опфатени со проектот на МВР и Отсекот за превенција при СВР Штип, „Користење на безбеден интеренет“.
– Целта на проектот е да се едуцираат учениците од 6 до 9 одделение за опасностите со кои можат да се соочат при користењето на интернетот и социјалните мрежи, како да се препознаат лицата измамници на социјалните мрежи и што треба да се преземе во такви ситуации, да се потенцира значењето на заедничкиот пристап во решавање на идентификуваните проблеми, но и поголема меѓусебна соработка на полицијата и учениците, како и граѓаните. Ова алудира на поголема доверба меѓу граѓаните и полицијата, истакна Илиевска.
Во рамките на овој проект, како што додаде, ќе се одржат и едукативни работилници во сите општински основни училишта што ќе биде покриено и со соодветна медиумска кампања, а активностите ќе бидат спроведенин од помошниците командири за јавен ред и мир и превенција во полициските станици на подрачјето на СВР Штип.
Инаку, Советодавно тело беше доекипирано со нови членови, а за претседател беше избран Ванчо Новоселски, советник за образование во Општина Делчево.
– Се надевам дека заеднички, со договор, со предлози, со конкретни работи, ќе ги завршуваме работите, бидејќи само на тој начин можеме да постигнуваме резултати. Очекувам поголема координираност со институциите, соработка меѓу самите членови и пред се волја за работа, за да можеме да ги надминуваме предизвиците што е во интерес на граѓаните на Општина Делчево, истакна Новоселски.
СГГ во Делчево беше формирана пред 12 години како резултат на проектот „Соработка помеѓу полицијата и локалното население“, имплементиран од страна на ОБСЕ-Мисијата во Скопје, преку Одделението за соработка со полицијата и локалното население.