Во Делчево тек е изградбата на тротоарот на улицата „Светозар Марковиќ“ во должина од 520 метри и ширина од 2 метри. Тротоарскиот дел се уредува со бекатон плочки од страната на ООУ „Ванчо Прке“, детската градинка и автобуската станица во Делчево. Со изградбата на тротоарот ќе се комплетира реконструкцијата на улицата која е една од најфреквентните во градот, ќе се придонесе за зголемена безбедност на учесниците во сообраќајот.
Изградбата на тротоарот е дел од проектот „Општински рурални инвестиции“ во кој покрај реконструкцијата на ул „Светозар Марковиќ“ и улицата „Питу Гули“ кои се веќе завршени, предвидена е и реконструкција на дел од улицата „Маршал Тито“, чија реализација се очекува да започне наскоро.
Средствата за реализација на овој проект се доделени на Општина Делчево во форма на ИПА грант средства, Програмата ја имплементира Министерството за финансии, администрирана од страна на Светска банка. Целта на оваа програма е подобрување на инфраструктурата во руралните области, односно подобрување на квалитетот на живот и мобилноста во Општина Делчево. Вкупниот износ на проектот изнесува 291.018 евра, 195.000 евра е грантот на ЕУ, кофинансирањето од националниот буџет е во износ од 65.000 евра и од општинскиот буџет во износ од 31.018 евра.