Себаад Зекировска, ученичка во трета година во делчевската гимназија ја доби паричната награда од 10.000 денари од општина Делчево за најдобар средношколец Ром, која општината ја доделува традиционално по повод Светскиот ден на Ромите, 8 Април.
Паричната награда на средношколката и ја додели градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, на Првата регионална свечена академија организирана од Конзорциумот на ромски невладини организаци од Источна Македонија, а по повод Светскиот ден на Ромите што се одржа во Виница.
На свеченоста присуствуваа градоначалниците од регионот, пратеници, министерот без ресор Аксел Ахмедовски, НВО сектор и претставници од ромската заедница од општините Кочани, Виница, Пехчево, Берово и Делчево.
Градоначалникот Трајковски во своето обраќање ги потенцираше заложбите и посветеноста на реализацијата на сите отворени прашања поврзани со Ромите.
– Од овде вечерва ќе го најавам иа инфраструктурниот проект кој ќе се случи во текот на оваа година, а тој е довршување на улицата „Илинденска“ во должина од 100 метри и изградба на потпорен ѕид, а средствата се обезбедени од Владата на РМ во соработка со министерот без ресор Ахмедовски. Со овој зафат, ќе се заокружи изградбата на оваа улица, каде претежно живее ромско насление. Проектирани се и очекувам брза реализација и на други инфраструктурни проекти, но мора да планираме и да го решиме прашањето со домувањето. Во Делчево околу десет семејства се соочуваат со овој проблем и наш приоритет е да изнајдеме начини да го затвориме ова прашање, истакна Трајковски.
Тој додаде дека во Делчево, ромската етничка заедница е со висок степен интегрирана и не живее во гето, а главно се решени поголемите инфраструктурни проблеми. Исто така, Општина Делчево има изработено низа стратешки документи и акциски планови кои ја дефинираат рамката за делување на Општината и решавањето на актуелните проблеми на Ромите.
НВО КХАМ од Делчево петнаесет години по ред прогласува најдобар ученик Ром од основното образование. За оваа година за најдобар ученик прогласена е Мелиса Ахмедова од ООУ „Св.Климент Охридски“ Делчево, која доби награда во висина од 5.000 денари. Пофалница за покажеан особен интерес и успех, доби Мерал Незирова, ученичка во ООУ„Ванчо Прке“ од Делчево.