Средствата од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој да се зголемат повеќекратно и при распределбата на средствата предност да имаат општинте со седиште во село, бараат градоначалниците на руралните општини.
Нивните барања денеска пред надлежните од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги образложи претседателот на ЗЕЛС и актуелен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.
– Она што последните две години е забележано на порталот на Агенцијата е тоа што нема информации за упатствата за начинот на аплицирање на општините за оваа Програма, како и објаснување за начинот на бодување и за начинот на селектирање на општините. Во тој домен сметаме дека е потребна поголема транспаретност на Агенцијата, како и поефикасна директна комуникација со претставниците на општинската администрација, посочи Шилегов на денешната презентација на Програмата за рурален развој за 2018 пред градоначалниците.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година акцентот е ставен на поддршката за капиталните инвестиции во руралните средини. Предвидени се инвестиции во патната инфрастуктура, водоснабдителни и канализациони системи, модернизација на постојните пазари за жив добиток, изградба на домови за деца и млади…..
– Клучно е општините, градоначалниците, администрацијата и стручните луѓе да се насочат кон креирање на проекти и да ја подготвуваат документацијата која се однесува на овие мерки. Во наредниот период, Владата со Платежната агенција ќе го дефинира обемот со којшто ќе ги поддржиме општините, истакна министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во претходните години се склучени договори кои сега се реализираат и се исплаќаат.
Покрај средствата од оваа национална Програма, од следната година на располагање на руралните општини ќе им бидат и средства од новата мерка за рурална јавна инфраструктура од ИПАРД Програмата за која се предвидени вкупно 12 милиони евра од кои девет милиони се европски пари, а останатите се кофинасирани од државата.
Руралните општини бараат и укинување на учеството на општините во плаќањето на ДДВ за проектите од Програмата за финансирање на руралниот развој, како и забрзување на постапката за пренамена на земјоделство земјиште во градежно.