Општина Делчево исплатила над 200 илјади денари помалку за плати и времени вработувања тековната година во споредба со октомври минатата година. Ова го истакна градоначалникот Горан Трајковски на прес-конференција, како одговор на советничко прашање од опозициската ВМРО ДПМНЕ.
– Бруто – платата на вработените во општинската администрација за октомври 2017 година изнесува 1.694.891 денари, а за времените вработувања за истиот месец 398.303 денари, додека последната исплатена бруто-плата за оваа година изнесува 1.626.289 денари, а за времени вработувања се исплатени 258.748 денари. Разликата од точно 208.157 денари зборува дека Општина Делчево и јас, како градоначалник, ја реализираме целта да се намалат непродуктивните трошоци со цел да се ослободат повеќе средства за капитални инфраструктурни проекти, рече Трајковски.
Тој додаде дека проектираниот основен буџет за 2018 година изнесува 103.119.000,00 денари и во однос на претходната година е повисок за 15 отсто, а за 2018 година планирано е и да се потрошат повеќе средства за развој на општината.
– Трошоците за изработка на проекти ќе бидат зголемени во однос на минатата година за околу 50 проценти. Минатата година за оваа намена се потрошени 1.500.000 денари. Трошоците за реконструкција и изградба на локални улици и патишта се лансирани на износ во висина од 38.000.000,00 денари. Во мината година за овааа намена се потрошени 20.543.000,00 денари што значи дека за оваа година планираме за развојот на општината да го зголемиме овој износ со над 80 отсто. Зголемен износ за урбанистичко планирање од 1.600.000 во 2017 година на 2.500.000 денари, истакна Трајковски.
Трајковски потенцираше дека за 2018 година е планирано намалување на непродуктивните трошоци
– Непродуктивните трошоци како патни и дневни трошоци, средства за гориво, материјали и ситен инвентар, договорни услуги, услуги за обезбедување на објекти. Ќе бидат намалени, а за услугите за обезбедување објекти во минатата година биле планирани 1.200,000 денари додека за оваа година не се предвиденти трошоци за оваа намена, рече Трајковски.