Општина Делчево изработува урбанистичко проектна документација за регулација на коритото на река Брегалница во централното градско подрачје, во должина од околу еден километар по должината на реката.
Како што истакна Звонко Атанасов од Одделението за урбанизам, проектот предвидува регулација од 500 метри од регулираното корито во централното градско подрачје, додека низводно од регулирано корито ќе се предвиди кејско уредување во должина од 500 метри.
– Потребата за регулација на корито на река Брегалница во централното градско подрачје на Делчево, од двете страни на нерегулираното речно корито во должина од еден километар, ќе значи решавање на проблемите со нерегулираното корито, заштита на крајбрежните објекти и намалување на опасностите од поплави и заштита на градот. Исто така, ќе се придонесе за уредување на кејот на реката Брегалница, хортикултурно разубавување. Одлуките за изработка на урбанистичко проектна документација е поддржана од Советот на општината, истакна Атанасов.
Овој значаен инфраструктурен проект за Делчево ќе се реализира етапно и тоа со средства од европските фондови.