Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас изјави дека името Славомакедонија, слеано, не е прифатливо решение за спогодба за името.
– Нашите ставови беа јавни, ние не се согласуваме името Славомакедонија да биде решение во преговорите со Грција. Јас лично не сум дел од преговарачкиот тим, но прифатливо решение е она со кое двете страни ќе бидат задоволни, рече Ахмети.
Тој истакна дека имал продуктивен состанок со грчкиот министер Коѕијас, каде биле споделени заедничките ставови дека Западниот Балкан треба да живее во мир и стабилност и дека овие земји имаат ист интерес, а тоа е напредок и влез во ЕУ и НАТО.
– Нашата земја треба да има добра соработка со останатите земји од Балканот, како и со земјите од Европската Унија. Кај господинот Коѕијас забележав добра волја за решавање на спорот со името. со што се потврди изјавата на Столтенберг од неговата посета пред неколку месеци дека во НАТО има место и за знамето на оваа држава, рече Ахмети.
Виктор Јованов