Од денеска започнува имплементацијата на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги во Македонија“.
Проектот е финансиран од Инструментот за претпристапната помош -ИПА на Европската унија. Проектот финансиран од Националната програма ИПА за 2015 година се спроведува во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, а партнери кои го спроведуваат проектот се CARE Германија/Луксембург и Македонската развојна фондација за претпријатија.
Проектот со вредност од 1,98 милиони евра започна во декември 2017 година и ќе трае до февруари 2021 година.
„Основната цел на овој проект е да се зголеми конкурентноста на пазарот, како и соработката меѓу земјоделците во Република Македонија, преку создавање на поволни услови за развој на постоечките и создавање на нови земјоделски задруги. Искуствата покажуваат дека земјоделците здружени во задруги со големи обработливи површини, гарантираат усогласен квалитет на пазарот, примена на современи технологии, добра земјоделска пракса, но и поголема конкурентност и подобар пласман на македонските земјоделски и прехранбени производи на странските пазари“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
При тоа министерот Николовски посочи дека Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, прават огромни напори да го поттикнат и поддржат развојот на земјоделските задруги. Во годинешната Програма за рурален развој за мерката „Економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење на земјоделска дејност“, односно за земјоделски задруги се планирани близу 80,3 милиони денари.
Константинос Соупилас од Делегацијата на Европската унија, посочи дека земјоделските задруги имаат витално значење во во вкупното земјоделско производство.
„Земјоделските задруги се важни за руралниот развој и целосниот развој на економијата во европската унија. Во Европската унија, земјоделските задруги претставуваат важен елемент. Во Европа има 51.000 земјоделски задруги, од кои 20.000 се во Европската унија и имаат годишен обрт од 50 милијарди евра. Овој проект ќе има важна улогаво развојот на задругарството во Република Македонија“, изјави Соупилас.
Со проектот се планирани низа активности, како длабинска анализа на правната рамка и политиките за земјоделски задруги, формулирање на предлог измени проследени со јавна расправа, формирање на работна група и дебата за можни решенија, поддршка за воспоставување на систем за следење на земјоделски задруги, зајакнати капацитети на чадор организација на земјоделските задруги која ќе добие техничка и финансиска поддршка.
Исто така ќе се работи зголемена свест меѓу земјоделците, бизнисите и пошироката јавност за придобивките од задругите со спроведување на кампања за подигнување на јавната свест за придобивките од задругите и инфо сесии со локалните заедници.
Во регистарот на земјоделски задруги досега се запишани 39 земјоделски задруги, од кои 7 земјоделски задруги се од голем обем, со најмалку 20 членови, а останатите 32 земјоделски задруги се од мал обем, со најмалку 10 до 19 членови.
Целна група на проектот се 30 постоечки земјоделски задруги и 30 групи земјоделци кои сакаат да формираат нови задруги и да учествуваат во проектни информативни сесии и обуки за развој на бизнис планови, од кои 20 ќе добијат грантови за проекти.