Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун се извини за аплаузот за “Марш на Дрина”, изведена на концертот, кој во Генералното собрание го организираше Вук Јеремиќ.
Бан Ки-Мун, “изрази искрено жалење што некои луѓе се навредени од оваа песна,” изјави портпаролот на генералниот секретар на ОН Мартин Несирки, додавајќи дека “очигледно не знаел што значи таа песна, нити за нејзината употреба во минатото.”
Претседателот на Генералното собрание на ОН, Вук Јеремиќ, организираше прослава на Нова Година според Јулијанскиот календар и претставување на Србија во големата сала на Генералното собрание, на која присуствуваше и Бан Ки-Мун кој со аплауз го пропрати концертот.
Друштвото на иселеници од Босна и Херцеговина во САД како и Здружението на Мајките од Сребреница во протестното писмо до Бан Ки-Мун наведоа дека “концертот беше скандалозно понижување на жртвите од геноцидот во Босна, бидејќи оркестарот ја свирел озлогласената и насилна српска националистичка песна Марш на Дрина”.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН рече дека “Обединетите нации се запознаени со тоа дека некои луѓе се навредени од изведувањето на песната на концертот во Генералното собрание во понеделникот.”