Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска присуствуваше на официјалното отворање на ИПА проектот за социјално претприемништво „Отворени можности“, што се одржа во ЕУ Инфо Центар, Скопје.
– Познат е фактот дека територијата, просторот и околината ги диктираат условите на постоењето на една заедница. Во која и каква територија, простор и околина дејствуваат и опстојуваат ранливите категории на граѓани, повеќе не е, ниту пак може да биде неважно прашање, од некако за нас далечен институционален и егзистенцијален домен – нагласи Љубица Јанчева.
Таа додаде дека Град Скопје во соработка со организацијата ХЕРА преку овој европски проект „Отворени можности“, не само што покажува локално лидерство туку е и парадигма за потребната поддршка од локалните власти за развој на социјалното претприемништво, што води кон разобличување на идеолошките контури и до инклузивни и достапни просторни институции, пред сẻ за ранливите групи на граѓани.
-Град Скопје, преку партнерството склучено со проектот, ја покажува и практикува хуманоста, солидарноста, волјата и лидерството, преку конкретна техничка поддршка на потенцијалните социјални претприемачи и невладините организации, кои работат со ранливите категории на граѓани/ маргинализираните заедници на пазарот на трудот, со посебен акцент на жените Ромки, за да основаат социјални претпријатија, на територијата на Град Скопје – резимираше Јанчева.
Проектот „Отворени можности“ преку градењето на капацитетите и менторирањето, креирањето политики, како и вмрежувањето и пилотирањето на конкретни мерки ќе даде голем придонес за развојот на социјалното претприемништво. Понатаму, се предвидува и регрантирање за невладините организации, кои ќе бидат подготвени да формираат социјални претпријатија со цел инклузија на лицата од маргинализираните заедници на пазарот на трудот.
Едновремено, ќе се работи и на креирање локални политики за отворање социјални бизниси, преку изготвување локална стратегија и акциски план за Град Скопје.
Проектот „Отворени можности“, кој е финансиран од Европската Унија, од ИПА програмата за граѓанското општество и медиумите 2016-2017, официјално почнува од денескa и ќе трае 2,5 години (30 месеци). Станува збор за европски проект, на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА организиран во партнерство со Удруга за креативни развој СЛАП од Хрватска и Град Скопје.
Настанот го отвори Извршниот директор на ХЕРА, Бојан Јовановски, а присутните учесници и гости ги поздравија и претседателот на Удруга за креативни развој, СЛАП – Р. Хрватска, Соња Вуковиќ, и претставникот од ДЕУ, Нафи Сарачини.